Немнозинските етнички заедници причина на средба Попоски-Торс

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска, оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Астрид Торс.

Попоски ја потврди поддршката за работата на Високиот комесар за национални малцинства, насочена кон ефикасна заштита и промоција на правата на припадниците на малцинствата во земјите членки на ОБСЕ.

На средбата беа разменети мислења за активностите што ги превзема Владата на Република Македонија за реализација на обврските од Охридскиот рамковен договор, вклучувајќи ја и правичната застапеност на немнозинските етнички заедници.

Воедно, стана збор и за имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование која треба да придонесе кон зголемена интеракција на учениците од различни етнички заедници во образовниот процес. Министерот Попоски повтори дека имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование останува приоритет на Владата на Република Македонија.