Необјавено интервју на Навални: Корумпирани претставници кои живеат во Лондон му помагаат на Путин да ги скрие „валканите пари“

Неодамна починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални во едно од досега необјавените интервјуа, критикува корумпирани официјални претставници кои живеат во Лондон и кои  му помагаат на режимот на Владимир Путин „да ги скрие валканите пари“.

До тоа интервју од февруари 2020 година дојде „Скај њуз“, а освен нападите врз политичари и влијателни луѓе од Западот, рускиот опозициски лидер зборува и за надежта за подобра иднина на Русија како и за ризиците за кои знаел дека ги презема.

Од тоа што го раскажувал и како размислувал, се гледало дека верува во европската иднина на Русија и не ги избирал зборовите за оние кои во таа иста Европа го поддржуваат режимот на Путин.

„Русија е европска земја, сите луѓе што живеат тука сакаат да живеат како во Европа. Но, Западот навистина не прави ништо, би рекол. Танцуваат некои „ритуални танци“ за да остават впечаток дека нешто се прави, но всушност ништо не се случува“, вели Навални, мислејќи на влијателните Руси кои живеат во Лондон.

„Се надевам дека за 10 години, ако повторно ме интервјуирате, ќе можеме да кажеме како успеавме да ја надминеме корупцијата и перењето на пари“, истакнува Навални.

Интервјуто е снимено како дел од неемитувана документарна серија „По падот“, во режија на Метју Торн и продуцирана од Ендрју Данкан.