Неопходно е итно интегрирање на Република Македонија и целиот Балкан во безбедносниот систем на Европската унија и НАТО. Неопходно е итно интегрирање во системите на Шенген и Фронтекс. Но, пристапот до Шенген и до Фронтекс не може да биде замена за членство во Унијата. Неопходна е целосна ингеграција на регионот во Европската унија, бидејќи ниту европската безбедност не е заокружена без балканските држави.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва се најде на иста маса со лидерите на Европската унија Ангела Меркел, Виктор Орбан, Жан-Клод Јункер, Доналд Туск и останатите присутни на мини Самитот на Европската унија плус Македонија, Србија и Албанија посветен на бегалската криза, притоа директно порачувајќи им дека бара целосна интеграција на нашата држава во безбедносниот систем на ЕУ и НАТО.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, мигрантската криза придонесе за првпат македонски лидер да седи рамноправно со еворпските лидери во тематска расправа со интервенции во текст и носење на одлуки во надлежност на Унијата. Притоа, заблагодарувајќи му се на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер што како регион, Западниот Балкан е поканет да биде дел од решението на мигрантската криза, Иванов напоменал дека оваа бегалска криза ги погодува сите страни и тоа и земјите од каде потекнуваат и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите.
Говорејќи за предизвиците со кои се соочува Република Македонија и регионот, Иванов напоменал дека предизвиците не се само за Европската унија, туку за Европа како континент и дека македонската држава ги трпи последиците од мигрантската криза, без да ги ужива придобивките од членството во Унијата.
Бегалците не потсетија кој е клучниот коридор помеѓу Блискиот Исток и Европа. Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, денес Шенген-границите ќе беа заштитени, а одговорноста на државите ќе беше поделена. Ако бевме дел од безбедносниот систем на Унијата и НАТО и ако имавме пристап до сите бази на податоци, тогаш немаше да бидеме затекнати од кризата. Наместо тоа, постои сериозна опасност Балканскиот коридор да стане лавиринт во кој ќе се заглават и мигрантите и бегалците, но и земјите-кандидати за членство во Унијата. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти, посочил Иванов на лидерите на десетте земји-членки на ЕУ плус на премиерите на Албанија и Србија.
Македонскиот претседател, исто така, во својот говор напоменал дека според најновите сознанија што тој ги има, коридорот што го отворија бегалците од Сирија и од Ирак, сега го користат и економските мигранти од Африка и од Азија и дека „наместо со доаѓањето на зимата да се намалува бројот на мигрантите, тој постојано се зголемува”. Притоа, според Иванов, уделот на бегалци од Сирија и од Ирак се намалува, а се зголемува уделот на мигранти од Азија и од Африка.
Иванов алармирал дека и покрај тоа што се очекуваше дека доаѓањето на зимата ќе го намали бројот на бегалци, дека тој напротив се зголемува. Притоа, тој го посочил податокот дека бројот на бегалци и мигранти што пристигнуваат на македонската јужна граница, односно на границата помеѓу Македонија и ЕУ и Шенген-зоната, во моментов е на рекордни високи нивоа, кои некои денови надминуваат и над десет илјади луѓе.
Благодарни сме на Германија што не дозволи Балканскиот мигрантски коридор да биде целосно затворен. Госпоѓата Меркел беше во право кога истакна дека евентуалното германско затворање на коридорот може да доведе до колапс на општествата и државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Тоа ни помогна да издржиме до сега, бил дециден Иванов во својот говор.
Во интерес на националната безбедност на Република Македонија, а во смисла на безбедносните закани и ризици кои произлегуваат од нелегалната миграција од територијата на ЕУ и НАТО, Иванов побарал постојана размена на информации со институциите на ЕУ и НАТО, како и со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство. Тој побарал и воспоставување на унифициран, стандардизиран и интегриран систем на информирање, заснован врз собирање на биометриски податоци за мигрантите и бегалците помеѓу сите земји на таканаречената Балканска рута, со земијте на ЕУ и Шенген-зоната, особено, во однос на Грција.
Мора да воспоставиме соработка и комуникација меѓу македонската и грчката полиција и разузнавачките служби во врска со заканите пред кои е исправен регионот. Во нацрт-декларацијата усвоена од Македонија и од Грција стои дека треба неодложно да се имплементираат прекугранични мерки за градење на довербата помеѓу Грција и Македонија. Наместо тоа, би сакале да видиме целосна соработка на сите нивоа помеѓу полициските и разузнавачките служби на Грција и на Македонија. Мора да воспоставиме заеднички оперативни и тимови за брза интервенција, како и постојани офицери за врска во Скопје и Атина – порачал Иванов пред европските лидери.
Македонскиот претседател побарал и да се овозможи целосен пристап до базите на податоци на ЕУ- агенциите за сите земји од Балканот кои не се членки на ЕУ, распоредување на ЕУ-сили во делот на Балканскиот регион, кој не е во ЕУ, а со цел да се обезбеди копнениот мигрантски коридор од „изворната“ територија до „дестинацијата“.
Во однос на пристапот за „жешки точки”, според Иванов, потребна е дневна оперативна координација меѓу сите балкански држави кои не се членки на ЕУ и на другите ЕУ-земји кои се вклучени во оваа стратегија, како и поддршка за Турција во согласност со неодамна предложениот акциски план на ЕУ.
Во претстојнот период, според Иванов, Македонија ќе постапува во функција на заштита на својата национална безбедност и дека „секое решение кое вклучува прием на мигранти во балканските држави кои не се членки на ЕУ ќе биде неодржливо, бидејќи овие замји немаат капацитет да се справат со очекуваниот обем на мигранти”. Во таков случај, македонскиот претседател напоменал дека постои голема веројатност за дестабилизација на државите.
Во однос на идејата за воспоставување на бегалски кампови во Македонија, Србија и Албанија, Иванов на европските лидери им порачал дека „не постои можност за воспоставување на бегалски кампови во балканските земји кои не се членки на ЕУ”.
На бегалците и мигрантите може да им се овозможи пристап до безбедните зони и центри за прием, со цел да им се даде безбедност, сигурност и хуманитарна помош, бил дециден Иванов.
Што се однесува до ветената помош и солидарност од страна на ЕУ, претседателот на Македонија посочил дека нашата земја беше оставена да се снаоѓа сама со оваа криза со употреба на сопствени ресурси, но дека е благодарна за најавената финансиска и техничка помош, иако досега не сме примиле ништо суштинско од ЕУ.
Без да бидам погрешно разбран дека ја злоупотребувам говорницата, сакам да го порачам следново. Неопходно е итно интегрирање на Република Македонија и целиот Балкан во безбедносниот систем на Европската унија и НАТО. Неопходно е итно интегрирање во системите на Шенген и Фронтекс. Но, пристапот до Шенген и до Фронтекс не може да биде замена за членство во Унијата. Неопходна е целосна ингеграција на регионот во Европската унија, бидејќи ниту европската безбедност не е заокружена без балканските држави, гласи заклучокот во говорот на Иванов пред европските лидери.
Наскоро, се очекува да биде завршен овој мини Самит на десет земји-членки на ЕУ (Бугарија, Грција, Германија, Хрватска, Унгарија, Холандија, Австрија, Романија и Словенија) плус Македонија, Србија и Албанија, по кој се очекува да биде соопштено што е договорено и усвоено од претходно понудените 16. точки на претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер.