Непотизмот, одлика на работењето на СДСМ. Информациите во врска со примерите за непотизам што граѓаните на Струмица и Куманово ги доставија до медиумите, а се однесуваат за овие две општини, претставуваат идентична слика и со вработувањето на блиски лица до Жерновски во општина Центар.
Порталот „Курир“ во својата анализа пишува дека скандалозните информации за вработувања на огромна листа роднини, братучеди, кумови и кумашини најдобро го доловуваат начинот на кој СДСМ ја практикува власта.
Посочените примери за вработувања на најблиските членови на семејството на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, на членот на ИО на СДСМ, Максим Димитриевски, на претседателот на СДСМ Куманово, на градоначалникот Зоран Дамјановски, но и на пратеникот од Струмица Марјан Даскаловски, поранешната пратеничка Цветанка Иванова и големиот број на примери за вработувања на најблиските соработници на Заев во Струмица, се примери кои јасно говорат за тоа дека СДСМ власта ја гледа единствено како моќ за задоволување на потребите на раководството и нивните најблиски роднини, а ова говори и дека СДСМ ги дели граѓаните на граѓани од прв и втор ред, пишува „Курир“.
Порталот понатаму наведува дека истовремено ова се примери дека СДСМ не мисли за општо добро на граѓаните туку само за доброто на мала група роднини и блиски пријатели.
Дека ова е стил на работа на СДСМ говорат ваквите примери во секоја општина што ја води опозицијата. Дека ова се прави директно од Заев говори фактот што лицата од СДСМ кои имаат вработено најмногу членови на семејството блиски пријатели, Заев постојано ги унапредува во партијата поставувајќи ги на високи партиски позиции.
„Курир“ уште еднаш ја пренесува познатата изјава на лидерот на социјалдемократите кога велеше дека ќе бркаат се од чистачка до директор… Оваа изјава е уште една потврда дека ова е стилот на работа на Заев. Во тие изјави Заев гордо се фалеше дека во Струмица не смее да се вработи некој што не е член на неговата партија и дека се останато треба да се брка од работа.
Сето ова доволно говори дека за СДСМ борбата за власт претставува борба, не за подобрување на состојбите во државата, туку борба за остварување на лична корист и лични привилегии за вработување на роднини, пријателки и пријатели од мал број на семејства на функционери.
Во Струмица се вработуваат само блиски на Заев
Читателите на Нетпрес кои побараа да останат анонимни, затоа што се плашат дека објавувањето на нивниот идентитет би можело да биде злоупотребено против нив или против нивните семејства од страна на властите во општините каде што живеат, споделија поголеми информации за роднинските и семејните вработувања во општините каде градоначалници од опозицијата се на власт.
Во отвореното писмо од т.н. група на дискриминирани граѓани од Струмица се вели:
Читајќи ги вашите статии поврзани со вработувањата на роднини и пријатели на функционери во Куманово, сакаме да ве известиме дека таков е и примерот во нашиот град Струмица.
Во Струмица функционерите и најблиски соработници на градионачалникот Зоран Заев имаат вработено се што се нивни поблиски и подалечни роднини. Во нашиот град ние граѓаните кои имаме аплицирано на повеќе огласи во локалните институции никогаш не сме избрани иако во целост ги исполнуваме условите од причина што ние не сме роднини и блиски на Заеви или на неговите соработници, функционери во СДСМ.
Оваа група граѓани во своето писмо вели дека во Струмица листата на такви вработувања е „најлош пример за тоа како владее Заев и неговата постава во Струмица“.
Оваа група граѓани, како што велат „во интерес на вистината со овој допис ја известуваат јавноста за случаите на вработување во Струмица“.
Покрај бројните тендерски малверзации во општината за кои постојано е обвинуван првиот човек на СДСМ, овие информации говорат дека Заев комплетно ја политизирал и ја узурпирал општинската администрација со луѓе подобни за него и за неговата партија.
Според информациите што ни беа доставени заедно со отвореното писмо, во општина Струмица е вработен Иван Даскаловски кој е син на пратеникот и несуден претседател на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
Во општина Струмица исто така се вработени и двете снаи на поранешната пратеничка, која сега исто така работи во општината Цветанка Иванова. Нејзините снаи Софче Иванова и Билјана Иванова работат во општината.
Понатаму, во општинската администрација е вработено речиси целото семејство на раководителот на финансии во општина Струмица, Бранко Палифров.
Така, неговиот син Коста Палифров е вработен во Јавното Претпријатие Паркиралишта.
Братучедот на Палифров Драги Димитров е технички директор во ЈПКД Комуналец Струмица, а снаата Лице Димитрова е вработена во ЈП Паркиралишта Струмица .
Внуците на Палифров, Боре Димитриев и Лилјана Стојанова се вработени во Општина Струмица. Боби Димитриев кој работи во ЈПКД Комуналец Струмица е исто така внук на Палифров, а Боба Димитриева, вработена во градинка во општина Струмица е негова внука.
Слично е и со семејството Узунови. Ќерката на советникот во општина Струмица Зоран Узунов, Верица Узунова е директор на ЈП паркиралишта Струмица, а неговата сопруга Снежана Узунова е вработена во основното училиште Маршал Тито Струмица. Внуката на Узунов Кевија Димитрушева, пак е директор на основно училиште во Куклиш.
Тинка Маркова директор на градинка Детска радост Струмица, во истата градинка ја вработила и нејзината снаа Верица Маркова, а нејзините синови Александар Марков и Ване Марков се вработени во противпожарната станица во Струмица и во општина Струмица.
Љупка Цветкова е член на кабинет на градоначалникот Зоран Заев, а во општината работат и нејзиниот татко Митко Цветков, братучедот Борче Цветков и тетката Нетка Тимова.
Граѓаните од Струмица велат дека ова се само мал дел од примерите за тоа како Заев и Заевите соработници си ги задоволуваат нивните најблиски.
Ова е голем срам за Струмица бидејќи ја претворија општината како нивна лична своина. Сите ние останатите неможеме и да замислиме да бидеме вработени во некоја локална институција. Ве молиме во интерес на вистината и на информирањето да го објавите ова писмо, вели групата граѓани што се потпиша како „Група на дискриминирани граѓани од Струмица“.
Општина Куманово резервирана за вработување исклучиво на роднини на врвот на СДСМ
Блиски роднини на генералниот секретар, на СДСМ Оливер Спасовски, сестра, братучеди на други функционери на СДСМ се вдомени во општината Куманово.
По скандалозните информации дека во Куманово се вработени речиси сите кумови, кумашини, братучеди и подалечни роднини на градоначалникот Зоран Дамјановски, уште поскандалозни се информациите дека на платниот список на Општината, на разни работни места исклучиво се поставени и речиси сите блиски роднини и пријатели на највисоките функционери на опозицискиот СДСМ.
Како што велат граѓаните на Куманово, и тука примерите се видливи во секоја институција која е под надлежност на Дамјановски и општината, а во кои се сместени блиските луѓе на највисоките функционери на СДСМ.
Мартин Костовски е претседател на СДСМ во Куманово. Првиот човек на опозицијата во овој град е вработен во општината Куманово, неговата мајка Маре Костовска е вработена во јавното претпријатие „Пазаришта“, а неговата баба Јасмина Симоновска е вработена во ЈП „Водовод“. За да биде комплетиран списокот во оваа фамилија, од оваа година во општината каде што веќе работи и претседателот на СДСМ, е вработена и неговата сопруга Ивана Костовска. Пример, за кој граѓаните на Куманово велат дека претседателот на СДСМ испраќа многу гласна и јасна порака за тоа како гледаат на практикувањето на власта.
Очигледно дека претседателот на СДСМ Куманово, Мартин Костовски, се огледува на начинот на работа на Дамјановски, но и на примерите на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. Имено, Оливер Спасовски сегашниот генерален секретар на СДСМ и близок соработник на Заев, кој со години е најблизок соработник на Дамјановски, а своевремено беше и секретар на Општината, искористувајќи ги своите позиции ги има вработено неговата сестра Билјана Петрушевска во ОУ „Крсте Миладинов“ како и неговиот зет, Ненад Петрушевски, во Јавното Претпријатие „Водовод“.
И тука не завршува листата на вработените роднини на највисоките функционери на СДСМ. Максим Димитриевски, член на Извршниот одбор на СДСМ откако Зоран Заев е претседател на СДСМ, и истовремено претседател на Советот на општина Куманово, својата сопруга ја има вработено во ОУ „Кочо Рацин“, а неговата сестра во ОУ „Браќа Миладиновци“.
Како што велат граѓаните на Куманово, ова е само мал дел од примерите кои говорат како највисоките функционери на СДСМ ги злоупотребуваат своите партиски функции за нивна лична корист и за вработување на нивните роднини и пријатели. И со овие примери е повеќе од јасно дека Зоран Дамјановски, Оливер Спасовски, Максим Димитриевски и претседателот на ОО СДСМ Куманово, Мартин Костовски, својата партиска моќ ја користат само за вработување на свои блиски лица, а не за решавање на проблемите на граѓаните на Куманово. Со ваквите вработувања Куманово наликува на приватна фирма на СДСМ и Дамјановски, а не на општина на еднакви можности за сите граѓани. И овие примери доволно говорат за тоа како СДСМ гледа на власта, како практикува власт и што е најважно во нивната работа. Истовремено како што велат кумановци, овој начин на работа е одобрен и признат и од Зоран Заев кој на Спасовски, Димитриев и Костовски им даде највисоки партиски функции, со што очигледно ова е партиската политика и партискиот начин на работа на СДСМ.