„Непредвидливоста“ на Трамп може да помогне да се стави крај на војната, се надева Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот оцени дека „непредвидливоста“ на избраниот американски претседател Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20-ти јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина.

„Трамп може да биде одлучувачки (…) во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме (рускиот претседател Владимир) Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната“.

„Навистина посакувам непредвидливоста на претседателот Трамп да важи и за Русија“, додаде Зеленски.

Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, сега ги разбудува надежите во Киев за одлучувачки одлуки по речиси три години војна, но и стравувањата дека американската воена и финансиска помош, која републиканецот често ја критикуваше, може да се намали.

Зеленски долго време одбиваше да преговара за крај на војната со Путин и донесе закон со кој се забрануваат преговори во таа смисла, но неодамна се чини го омекна својот став, согласувајќи се привремено да се откаже од обидот да ја поврати целата територија што руските сили ја заземаа во замена за безбедносни гаранции на НАТО и поголема помош во оружје.

Таквата можност е категорично отфрлена од Москва, чија основна цел е токму оневозможвањето нејзината соседна земја да стане членка на воен сојуз кој руската страна го доживува како закана за нејзината безбедност.

Во четвртокот, Зеленски оцени дека безбедносните гаранции за Украина кои не ги вклучуваат САД ќе бидат „слаби гаранции“.

Неколку европски земји, вклучително и Франција, изнесоа идеја за евентуално распоредување воен контингент на земји членки на НАТО во Украина во случај на мировен договор, но Зеленски нагласи дека таквата иницијатива не треба да го замени пристапот на Украина во НАТО.

„Не би сакале само една или две земји да бидат за оваа иницијатива. Апсолутно е неопходно оваа иницијатива да биде во согласност со НАТО. Тоа не значи дека распоредувањето на европските сили ја исклучува иднината во НАТО“, рече Зеленски.