Турција дозволи руски брод да го напушти пристаништето, задржан пред неколку дена, поради сомнение дека носи украдено украинско жито. Украинското Министерство за надворешни работи потегот го нарече „неприфатлив“.
Украина ќе го повика турскиот амбасадор во земјата за да побара објаснување.
„Жал ни е што на рускиот брод Жибек Жоли, што беше полн со украдено украинско жито, му беше дозволено да го напушти пристаништето Карасу и покрај криминалните докази што им беа презентирани на турските власти“, на Твитер напиша портпаролот на Министерството за надворешни работи, Олег Николенко.
Киев ја обвини Москва за кражба на жито од територии заземени од руските сили од почетокот на инвазијата, кон крајот на февруари. Кремљ ги негираше таквите тврдења.