Нерасчистени должничко-доверителски односи и меѓусебни закани меѓу довчерашни ортаци во нелегални бизниси се можна причина за класичната ликвидација изминатата ноќ во центарот на Скопје, сметаат запознаени извори.
Првата жртва што почина во синоќешната гангсетрска бркотница со автомобили престрелка на „Рузвелтова“ е Наим Ајети, кој е брат на познат скопски криминалец Џелал Ајети – Џељо, кој беше, исто така, ликвидиран изрешетан во својата чајџилница во населбата Ченто пред пет години.
Убиство од небрежност, учество во тепачка, загрозување со опасно орудие, насилство се дел од кривичните дела за кои се гонел. Ајети бил дел во скопското подземје, познат и како нарко бос и човек кој се занимавал со лихварство. На социјалните мрежи објавувал фотографии каде се гледа дека е во друштво на познати бизнисмени.
Според соговорниците сега убиениот Наим Ајети го наследил својот брат на чело на криминална група, којашто се нарекувала „Беланоча“ и продолжил со криминалите за кои претходно бил гонет и осомничен неговиот брат.
Еден од можните мотиви според сомневањата на лица запознаени со функционирањето на скопското подземје, е можеби пресметка за превласт во подземјето меѓу неколку криминални групации.
Меѓутоа, постојат и мислења дека станува збор за нарачана ликвидација на Наим Ајети, од негов поранешен ортак во „бизнисот“ кој му должел 75.000 евра, кои сега убиениот ги барал со закани по животот на должникот, на што исто така му било возвраќано со смртни закани.
Од она што го кажуваат очевидци, па и според известувањето на министерството за внатрешни работи, може да се каже од начинот на кој е изведена ликвидацијата на Ајети дека станува збор за нарачана ликвидација која била изведена од лице или лица коишто веќе имале искуство во слични егзекуции.
Теренското возило „лендровер“, во кое биле напаѓачите, го пресретнало возилото „сеат алтеа“ со двете жртви и повредениот на крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Френклин Рузвелт“ и ги принудиле своите жртви да свртат по меѓу скопјани популарната „Рузвелтова“ токму пред зградата на Специјалното јавно обвинилство (СЈО). Полицијата и очевидците наведуваат дека во нападот била користена автоматска пушка, а на местото на настанот се најдени риесетина чаури.
Пукало едно лице и тоа насочено токму во Наим Ајети, кој го управувал автомобилот и кој очигледно бил нивна примарна цел. Откако „сеатот“ се судрил со друго возило паркирано на „Рузвелтова“, возилото на напаѓачите само одминало во истиот правец и на раскрсницата улицата „Орце Николов“ завртеле лево кон Центарот за странска јазици.