Несфатливо е зошто на Стразбур му требаа пет ипол години да одлучи дека апликациите се преуранети

По одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур за апликациите на осудените и обвинетите во предметите што ги отвори поранешното СЈО, а за кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов прво донесе одлука да ги помилува, а потоа ја повлече, адвокатот Влатко Илиевски, во изјава за „360 степени“ вели дека му е несфатливо што на ЕСЧП му било потребно долго време да одлучи дека апликацијата е преуранета.

Илиевски е застапник на обвинетите и осудените пред Судот, а инаку е сопруг на Гордана Јанкуловска, една од засегнатите од денешната одлука на ЕСЧП.

„Малку ми е несфатливо зошто им требаа пет ипол години да одлучат дека апликацијата е преуранета, односно дека не се исцрпени домашните правни лекови“, изјави Илиевски за „360 степени“.

На дополнителното прашање што само по себе се наметнува – дали осудените и обвинетите ќе можат повторно да поднесат апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Илиевски вели дека тоа е апсолутно можно. Но, како што додава, додека да се стигне до тој момент, ќе помине многу време.

„Ќе може, апсолутно. Со тоа што ќе мора да чекаме на одлука и од Врховниот суд во земјава, за што ќе помине многу време додека се завршат сите постапки“, ни изјави Илиевски.