Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во петокот ги одобри плановите за воена операција во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти неговиот кабинет. Паралелно со оперативното распоредување, армијата се подготвува и за евакуација на цивилното население, се наведува во соопштението.
Овој потег доаѓа и покрај зголемените меѓународни критики за потенцијалната операција во Рафах, каде што повеќе од милион и пол Палестинци, или повеќе од половината од вкупното 2,4 милионско насление на Појасот Газа, се засолнија од северните и централни области на енклавата разорена во сеопфатната израелска инвазија. Хуманитарните организации предупредуваат дека загубите на цивилите би биле неприфатливо големи во овој град на самата граница со Египет, кој пред војната имаше околу 300.000 жители.
Политичарите и хуманитарните групи го повикуваат Израел да подготви планови за тоа како и каде приближно 1,5 милиони луѓе кои сега живеат во областа на Рафах можат да бидат однесени на безбедно пред каква било воена операција.
Нетанјаху ја повтори и својата оценка дека предлогот на исламистичката палестинска организација Хамас за прекин на огнот во војната во Газа е „нереален“.
Израелската делегација оди на преговори во Доха
Во исто време, израелска делегација патува во катарската престолнина Доха по дискусијата во безбедносниот кабинет за позицијата на Израел. Катар го презеде водството во преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во замена за палестинските затвореници.
Во четвртокот Хамас соопшти дека поднел нов предлог, вклучувајќи прекин на борбите во Газа, испорака на помош за населението и ослободување на луѓето киднапирани од Израел во замена за ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори. Сепак, движењето сѐ уште инсистира на повлекување на израелските војници од крајбрежната енклава, што Израел го одбива.
Панарапската телевизија Al Jazeera во петокот објави дека Хамас го претставил предлогот во три фази од по 42 дена. Хамас постави услов во втората фаза, пред ослободувањето на израелските војници, да се објави траен прекин на огнот. За секој израелски заложник треба да бидат ослободени 50 палестински затвореници во Израел, од кои 30 отслужуваат доживотна казна.
Изреал: Цивилите од Рафа ќе бидат однесени на сигурно
Израелската армија ќе се погрижи цивилите во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа да бидат донесени „на безбедно“, изјави портпаролот на армијата претходно во петокот.
Портпаролот Арија Шаликар рече дека постојат сомневања дека лидерите на Хамас се наошаат во градот на границата со Египет, заедно со другите преостанати борци од исламистичката радикална групација.
Израел вели дека поразувањето на Хамас е невозможно без операција во Рафах. Шаликар рече дека во случај на операција во Рафах, цивилите ќе бидат евакуирани во побезбедни места како што е кампот Ал Маваси.
„Тоа е она што го правевме во последните месеци и токму така би постапиле кога станува збор за Рафах“, рече тој.