Нетанјаху: Договорот со Хамас е „вистинска одлука“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече „вистинска одлука“ договорот со исламистичкото движење Хамас за прекин на огнот, чија цел е ослободување на дел од израелските заложници и ослободување на одреден број Палестинци од израелските затвори.

Според договорот, до 100 израелски заложници ќе бидат разменети за до 300 палестински затвореници, во прв ред жени и малолетници.

Нетанјаху, сепак, додава дека по спроведувањето на договорот за размена на заложници за Палестинците осудени на затворски казни, војната ќе продолжи сѐ додека Израел не ги исполни своите цели.

Израелскиот премиер смета дека враќањето на заложниците е етичко прашање, нагласувајќи дека ќе се искористи секоја можност за конечно ослободување на сите заложници киднапирани од милитантите на Хамас во нападот без преседан во јужен Израел на 7-ми октомври. За еден ден оваа сунитска исламистичка група убила 1.200 луѓе, од кои повеќето жители на кибуц и млади луѓе кои учествувале на музички фестивал,а од кои 312 се израелски војници во јужните погранични воени бази и припадници на другите вооружени израелски безбедносни формации.

Израел одговори со прогласување на воена состојба и општа мобилизација и започна воздушна и копнена офанзива на Појасот Газа.

Палестинското Министерство за здравство, под контрола на Хамас, но и меѓународните хуманитарни организации соопштија дека досега во израелската офанзива се убиени околу 16.000 луѓе, од кои близу 6.000 се деца и уште приближно толку жени. Уште 6.000 луѓе во Појасот Газа се водат како исчезнати.

Според некои извештаи, размената треба да започне во петок, додека други извори сè уште го споменуваат четвртокот.