Нетанјаху ги отфрли условите на Хамас за ослободување на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги отфрли условите на Хамас за завршување на војната и ослободување на заложниците, што би вклучило целосно повлекување на Израел и останување на Хамас на власт во Појасот Газа.

„Во замена за ослободување на нашите заложници, Хамас бара прекин на војната, повлекување на нашите сили од Газа, ослободување на сите убијци и силувачи. И Хамас да остане недопрен. Целосно ги отфрлам условите за предавање на чудовиштето Хамас“, порача Нетанјаху.

Договорот постигнат со посредство на Катар и Египет во ноември ослободи повеќе од 100 од околу 240 заложници кои беа држени во Газа земени во текот на нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври, во замена за ослободување на 240 палестински деца, тинејџери и жени од израелските затвори.

Откако заврши договорот, Нетанјаху се соочи со зголемен притисок да ги ослободи преостанатите 136 заложници кои се држат во заробеништво.

Нетанјаху, исто така, зазеде поостар став за палестинската државност отколку порано. „Нема да ја компромитирам целосната израелска контрола на целата територија западно од реката Јордан“, рече израелскиот премиер алудирајќи на териориите коишто меѓунаордната заедница ги смета за окупирани палестински од страна на Израел во војната од 1967 година.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека разговарал со Нетанјаху за можното решение за создавање независна палестинска држава, сугерирајќи дека една од опциите вклучува немилитаризирана влада која го исклучува Хамас.

Во саботата Нетанјаху навести дека има заземено став спротивен од предлозите на Бајден за палестинска државност по завршувањето на војната против Хамас во Газа, имајќи предвид дека двајцата државници не ја делат позицијата за палестинската државност, решение што Бајден и неговите западни сојузници го преферираат во заложбите за долгорочен мир и кој има основа во резолуцијата на светската организација од 1947 година со која се признава создавањето на Државата Израел.

Во изјавата во неделата, Нетанјаху повтори дека ќе инсистира на „целосна израелска безбедносна контрола над целата територија западно од Јордан“. Нетанјаху рече дека се соочува со „меѓународен и домашен притисок“ да ја промени својата позиција. „Моето инсистирање е она што го спречи создавањето на палестинска држава која со години ќе претставува егзистенцијална закана за Израел“, рече Нетанјаху.