Нетанјаху: Израел мора да продолжи со офанзивата во Газа за ослободување на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот рече дека Израел нема да пропушти никаква можност да ослободи повеќе заложници од Газа, нагласувајќи дека е потребен воен притисок за „тотална победа“ над Хамас за да се исполни таа цел.

Изјавата дојде откако беше објавено дека израелските специјални сили ослободиле двајца заложници во операција во Рафах, град во Појасот Газа во близина на границата со Египет.

„Само континуираниот воен притисок, до целосна победа, ќе резултира со ослободување на сите наши заложници. Нема да пропуштиме ниту една можност да ги вратиме дома“, рече Бенјамин Нетанјаху во изјавата.

„Ги поздравувам нашите храбри војници за храбрата акција што доведе до нивно ослободување“, додаде тој.

Во последниве месеци, во Рафах се засолнија повеќе од половината од вкупното палестинско население – бегалци раселени поради израелското бомбардирање и копнената офанзива во северниот дел на Појасот Газа, и во кој моментално живеат 1,4 милиони луѓе од вкупнп 2,4 милиони жители на енклавата, според проценките на Обединетите нации.

Израел претходно најави дека планира офанзива врз овој град и покрај противењето на меѓународната заедница и хуманитарните организации, вклучително и САД како негов најголем сојузник. Нетанјаху во обраќањето во неделата вети дека ќе израелската војска ќе осигури „безбеден премин“ на цивилите.

Меѓутоа, изралескиот премиер не посочи кон кој правец ќе бидат насочувани палестинските цивили. Всушност, единствен правец кон кој можат да се движат е границата кон Египет, кој ја отфрла можноста да ги прими на својата територија, каде што и самите египетски безбедносни сили имаат проблеми со ултрарадикалните сунитски џихадистички организации како Исламска држава.

Министерството за здравство на Хамас во понеделникот објави дека најмалку 67 Палестинци биле убиени во израелската операција во Рафах.