Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека Агенцијата на Обединетие нации за палестински бегалци (UNRWA) мора да биде затворена бидејќи, според израелските сознанија, некои од вработените во агенцијата учествувале во нападот на Хамас на југот на Израел минатиот октомври.
„Време е меѓународната заедница и самите ОН да сфатат дека мисијата на UNRWAА мора да заврши“, им рекол Нетанјаху на делегатите на ОН кои се во посета, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
UNRWA „се обидува да го зачува прашањето за палестинските бегалци. Мораме да ја замениме UNRWA со други агенции на ОН и други агенции за помош, ако сакаме да го решиме проблемот со Газа како што планираме“, додал израелскиот премиер.
За овие израелски наводи се дозна минатиот петок кога UNRWA објави дека отпуштила дел од персоналот откако Израел ја информирал дека постојат соменвања дека дел од нејзините вработени во Појасот Газа наводно учествувале во бруталниот напад од 7-ми октомври во јужен Израел. Гутереш во неделата изјави дека од 12-те наводно инволвирани лица, девет се отпуштени, еден е мртов, а идентитетот и улогата на преостанатите двајца се разјаснува.
Досието на израелското разузнавање, во кој увид имала британската агенција Reuters во понеделникот, вклучува наводи дека дел од персоналот на UNRWA бил вмешан во киднапирања и убиства за време на нападот на 7-ми октомври што се смета за повод за сегашната војна на Израел во Појасот Газа, како и дека околу 190 вработени во UNRWA наводно служеле како милитанти во Хамас или во Исламски џихад.
Палестинците го обвинија Израел за фалсификување информации за да ја дискредитира UNRWA, којашто во Појасот Газа раководи со училишта, клиники за примарна здравствена заштита и други социјални услуги и дистрибуира хуманитарна помош.
Оваа хуманитарна агенција на ОН е основана во 1949 година и обезбедува хуманитарна помош, образование, социјални услуги и здравствена заштита на 5,9 милиони палестински бегалци во Појасот Газа, Западниот брег, Јордан, Либан и Сирија, кои ги напуштија своите домови и територии по насилствата и операциите на израелските сили веднаш по основањето во 1948 година на Државата Израел. Според веб-страницата на UNRWA, таа е една од најголемите агенции на ОН. Има повеќе од 30.000 вработени, вклучувајќи 13.000 само во Појасот Газа.