Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека воздушниот напад во областа на градот Рафах во јужна Газа, во кој загинаа десетици Палестинци, немал намера да предизвика цивилни жртви и дека ќе биде истражен.
„Во Рафах веќе евакуиравме околу еден милион жители кои не се борци, и покрај нашите напори да не повредиме цивили, нешто за жал тргна наопаку. Го истражуваме инцидентот и ќе дојдеме до заклучоци бидејќи тоа е нашата политика“, рече Нетанјаху во својот говор во Кнесетот (парламентот), кој беше прекинат со извици на пратениците од опозицијата.
Израелскиот воздушен напад предизвика огромен пожар во кој загинаа 45 лица во шаторски бегалски камп во градот Рафах во Газа, соопштија официјални лица во понеделникот. САД го повикаа Израел да ги преземе сите мерки на претпазливост за да ги заштити цивилите по „уништувачките слики“ од воениот напад во Рафах.
„Израел има право да го нападне Хамас и ние разбираме дека во овој напад загинаа двајца високи терористи на Хамас кои се одговорни за нападите врз израелските цивили. Но, како што јасно кажавме, Израел мора да ги преземе сите можни мерки на претпазливост за да ги заштити цивилите“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа
И покрај одлуката на највисокиот суд на Обединетите нации веднаш да го запре нападот, Израел продолжи да го бомбардира Рафах, тврдејќи дека судската одлука му дава простор за воена акција.
Претходно францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е „огорчен“ од последните напади на Израел. „Овие операции мора да престанат. Нема безбедна област во Рафа за палестинските цивили“, рече тој на X.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) мора да се почитува.
„Меѓународното хуманитарно право важи за сè, вклучувајќи го и израелското водење на војна“, рече Бербок.
Борел исто така го осуди нападот. „Згрозени сме од веста што излезе од Рафах за израелските напади во кои загинаа десетици луѓе, вклучително и мали деца“, напиша Борел на X. „Нема безбедно место во Газа. Овие напади мора да престанат. Наредбите на Меѓународниот суд на правдата мора да бидат почитувани од сите страни“, додаде тој.