Нето загуба во вториот квартал очекува германскиот фармацевтски гигант

Германскиот производител на лекови и пестициди „Bayer“ ги намали процените за годишната добивка и предупреди дека очекува нето загуба во вториот квартал поради отпишувањето на средствата во бизнисот со хербициди на база на глифосат.

Компанијата сега очекува добивка пред каматите, даноците, депријацијата и амортизацијата (EBITDA) во опсег од 11,3 до 11,8 милијарди евра оваа година, кога ќе се исклучат промените во валутните стапки. Досега очекуваа да изнесува минимум 12,5 милијарди евра. Во претходната 2022 година таа изнесуваше 13,5 милијарди евра.

Слободниот готовински тек ќе биде нула, оценуваат во „Bayer“, менувајќи ја процената според којашто требало да изнесува три милијарди евра.

Приходите би требало да бидат во опсегот од 48,5 до 49,5 милијарди евра, во споредба со претходната прогноза, која беше наведена во распонот од 51 до 52 милијарди евра.

„Врз основа на очекуваниот развој на пазарот, особено бизнисот со глифосат, Bayer, исто така, очекува да отпише нематеријални средства од приближно 2,5 милијарди евра“, објавија од компанијата во вонредното соопштение во понеделникот.

Како резултат на тоа, компанијата ќе го затвори вториот квартал со нето загуба од две милијарди евра, пресметале во компанијата и додаваат дека деловниот извештај ќе го објават на 8-ми август.

Уште во мај тие предупредија дека годинешните резултати ќе бидат на долниот дел од целниот обем поради забрзаниот раст на трошоците и падот на цените на хербицидите базирани на глифосат од минатогодишното рекордно ниво.

Во 2022 година, продажбата на хербициди на „Bayer“ скокна за 44 отсто откако ураганот Ида им нанесе штети на конкурентските производители, а кинеските добавувачи под притисокот на пандемиските ограничувања не успеаја да го надополнат недостигот. Откако оваа година конкурентите се вратија на пазарот, цените на хербицидите паѓаат.