До завчера редици луѓе во преполните продавници, а вчера семеен ручек и разменување подароци – ова е дел од вообичаената божиќна традиција што се негува и кај јужниот сосед.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, петгодишната криза и рекордната невработеност произведоа зголемен број гладни и бездомни и ја претворија Атина во град на големи контрасти. Овде, на само неколку минути од центарот и блескавите светла, излози и насмевки, се наоѓаат некои од најсиромашните и најозлогласени квартови во градот.
Нетпрес појде токму во овие делови од грчката престолнина. Разговаравме со најранливите, со оние без покрив над главата и со оние што не можат да си дозволат ниту еден оброк.
„Живеам на улица веќе две и пол години”, вели за Нетпрес еден Грк, зависник од хероин, одговарајќи зашто божиќното утро го минува на улица.
„Работев, но дознаа дека се дрогирам и ми дадоа отказ. Живеев со мајка ми. Потоа таа почина и тоа беше мојот крај”, раскажува тој.
Додека тој раскажуваше, неговиот пријател на среде улица и среде бел ден си ја вбризгуваше дозата хероин. Нашиот соговорник ни откри дека станува збор за мигрант кој што е заболен од СИДА.
„Во овој кварт има многу мигранти кои што намерно се заразуваат со ХИВ вирусот за потоа да добиваат по 700 евра месечно од државата”, вели тој.
Нашиот следен соговорник ја загубил работата поради кризата. Немал пари да плаќа кирија и сега веќе 1 година живее на улица. Родителите му се починати и нема други роднини.
Божикниот ден го поминува во народната кујна во чиј двор огромен број луѓе чекаа топол оброк.
„Се држам некако, не сум ни алкохоличар ни зависник од дрога. За храна се снаоѓам од оваа кујна и барам некаква работа”, вели нашиот соговорник.
Оваа народна кујна е под надлежност на градот Атина. Божиќниот оброк традиционално го организираат во посебна празнична атмосфера, а присутните добиваат и подароци.
„Овде сме, работиме за Божиќ, јас и останатите вработени во Фондацијата. Ги чекаме луѓето да дојдат и да уживаат во Божиќниот ден ”, велат од организацијата на настанот, објаснувајќи дека од почетокот на кризата бројот на луѓето што доаѓаат во кујната е зголемен за 25 отсто.
Вредноста на нештата најчесто почува да се цени дури откако тие ќе се загубат. Домот, семејството, пријателите и здравјето се работите што најчесто се земаат здраво за готово, но се чини дека ваквите тажни човечки судбини имаат моќ да ја разбудат помалку заспаната благодарност во луѓето.