Неверојатен рекорд на Облак – тешко дека некој ќе го достигне во блиска иднина

Голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак е еден од најдобрите светски голмани во моментов, а доколку продолжи вака со сигурност ќе си обезбеди место и меѓу најдобрите светски голмани во историјата.

Словенецот зад своето име има неверојатни статистички показатели кои само покажуваат дека се работи за одличен голман.

Имено, по вчерашниот натпревар со Осасуна во кој Атлетико Мадрид славеше со убедливи 5:0, Облак постави еден неверојатен рекорд.

Голманот стигна до својата 100-та зачувана мрежа во Ла Лига, а за тој подвиг му требаа само 182 натпревари.

Досега рекордот за најбрзо зачувани 100 мрежи во Ла Лига го држеше легендарниот Мигел Реина на кој за ваквиот успех му беа потребни 222 одиграни натпревари, додека втората позиција ја чуваше Виктор Валдес кој од вкупно 227 одиграни натпревари 100 пати ја сочува својата мрежа.

Јан Облак тоа го стори многу порано, дури за 40 средби помалку од Реина, а неговиот процент исто така е импресивен. Облак ја зачувал својата мрежа на дури 55% од натпреварите кои ги одиграл за Атлетико Мадрид.