Во понеделникот осум невладини организации испратиле писмо до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во кое бараат прашањето за човековите права да биде во центарот на дијалогот меѓу Европската унија и Куба, во „клучниот момент за бранителите на слободите“ на карибската островска земја којашто шест децении е под американски санкции.
Шефот на европската дипломатија на 26-тти мај треба да учествува на третиот заеднички совет ЕУ-Куба во Хавана, каде домаќин ќе му биде неговиот кубански колега Бруно Родригез, а кој се одржува во согласност со Договорот за политички дијалог и соработка потпишан во Хавана во 2016 година.
Овојпат невладините организации бараат од европскиот функционер „да се погрижи човековите права да бидат во центарот на односите меѓу ЕУ и Куба во клучен момент за бранителите на човековите права“, стои во писмото објавено на веб-страницата на шведската организација Бранители на човековите права, а го потпишале уште седум други невладини организации, меѓу кои Меѓународната федерација за човекови права, како и глобално познатите и активни Amnesty International и Human Rights Watch.
Од Борел се бара да побара од кубанските власти да се заложат за „итно и безусловно ослободување на сите уапсени лица само затоа што сакале да ги искористат своите човекови права, особено правото на слобода на изразување и собирање“.
Според овие организации, по историските антивладини протести на 11-ти јули 2021 година, кога неколку илјади Кубанци излегоа на улиците извикувајќи „Слобода“ и „Гладни сме“, рестриктивните закони, цензурата и заплашувањето на гласовите на дисидентите само се засилувале.
По тие протести, повеќе од 1.800 лица се уапсени, а 768 сѐ уште се во затвор, соопшти кубанската невладина организација 11Ј. Речиси 500 демонстранти биле осудени, некои дури и на 25 години затвор, според последните официјални податоци, пишува AFP.
Потписниците на писмото потсетуваат и на ситуацијата во која се нашле двајца уметници дисиденти Луис Мануел Отеро Алкантара и Мајкел „Осорбо“ Кастиљо, кои биле уапсени во 2021 година и осудени на пет, односно девет години затвор.
„Размерите на кризата со човековите права во Куба мора да бидат придружени со пропорционална реакција на ЕУ и земјите-членки“, додаваат потписниците на писмото до Борел..
Во декември 2016 година, Куба и Европската унија потпишаа историски договор за дијалог и соработка, кој стапи на сила во 2017 година. Потоа двете страни одржуваат редовни состаноци на различни теми, но кубанските дисиденти редовно го критикуваат недостигот од договор за човекови права и фактот што повеќе не се поканети на дискусиите.