Претходните денови Грција беше погодена од многу силен циклон, кој предизвика катастрофални последици во делови од земјата, а викендов овој циклон повторно се заканува.
Најкритична ситуација во Грција беше во Тесалија, Пилон и Скијатос. Овие области се уште се под вода, има и жртви.
Овој циклон ќе остане запаметен како циклонот што донесе историски врнежи во Грција. Во многу региони, врнежите што паѓаат за месец или два паднаа за еден ден. Во околината на Волос за еден ден наврнале над 750 литри дожд на метар квадратен, додека просечната годишна количина на врнежи е околу 400 литри.
Инаку, центарот на овој циклон се наоѓаше над Јонското Море и сега е поместен на југ. Овој викенд центарот на циклонот се наоѓа над јужниот дел на Средоземното Море во близина на брегот на Либија. Циклонот сега има тропски карактеристики (медитерански ураган) и неговиот центар ќе го погоди северниот брег на Либија.
Центарот на циклонот ќе го погоди Бенгази, вториот по големина град во Либија.
Се очекуваат екстремно обилни врнежи, дури повеќе од 100, локално и 200 литри дожд на метар квадратен. Се очекуваат разорни поплави бидејќи станува збор за полупустински области. На овие простори во септември паѓаат само 5 литри дожд, а во текот на годината околу 200-250 литри, така што сега постои можност да врне за еден ден колку за една година, па сувата почва нема да биде може да прифати огромни количини на вода.
Покрај обилните врнежи, се очекуваат и силни ветришта со брзина од 100 км/ч и многу високи бранови. Циклонот се очекува да трае една недела и ќе се движи многу бавно, а ќе исчезне на почетокот на следната недела над пустината Сахара во близина на границата со Египет, но зад себе ќе остави разорни последици за Грција и Либија.