Седум од осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, слично како и кога се гласаа уставните измени се адутот на власта за изгласување и на Зааконот за јавно обвинителство. Освен Елизабета Канческа-Милевска. Вели дека не била консултирана за измените во Законот, но не кажа дека нема да гласа, објави Алфа ТВ.
„Сметам дека реформските закони како што се носеа и досега со консензус во Собранието и во соработка со власта и опозицијата и останатите политички партии, треба и во иднина да се носат на истиот начин, вклучувајќи го и Законот за јавно обвинителство. Oдговорноста по однос на овие закони и реформи треба да биде заедничка. Партискиот интерес како приоритет треба еднаш засекогаш да се тргне на страна кога станува збор за суштински и сериозни реформи во правосудниот систем и да се почитува пред се мислењето на експертите и професорите од оваа област вклучително и мислењето на меѓународната заедница”, вели пратеничката.
Канческа – Милевска е обвинета во случајот на СЈО „Тендери”.
За дел од осумте пратеници, членови на нивните семејства или блиски луѓе, беа актуелни судски процеси и се шпекулираше дека со тоа биле приморани да дадат поддршка за уставните измени. Други пак беа поврзувани со блиски релации со дел од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, семејни вработувања, тендери.
Што се смени од тогаш до сега? Пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски беа амнестирани со Законот за амнестија за случувањата во собранието на 27 април. За фамилијата на Мукоски долг период се актуелни бројни тендери добиени во време на актуелната власт.
Синот на Владанка Авировиќ откако беше осуден во случајот „Труст” на апелација доби условна казна. Во истиот случај на Сеад Кочан претходно близок со пратеникот Зекир Рамчиловиќ му беше намаалена казнета од 6 на 4 и пол години.
За Емилија Александрова се пишуваше дека нејзината ќерка е вработена во Фондот за иновации. Пратеничката беше разочарана за тоа како известуваат медиумите, објави Алфа ТВ..