Терасата на портата „Македонија“, монументален објект што се изгради во чест на 20 години од самостојноста на земјава, се’ уште е празна, иако е предвидено на видиковецот да функционира и кафе бар. По два неуспешни обиди да се најде закупец на просторот, кој би отворил кафуле на врвот терасата, Министерството за култура најавува нов оглас, што би требало да се објави веднаш по претстојните претседателски и парламентарни избори.
Според условите од претходните два огласи, терасата, која што е со површина од 172 квадратни метри, се нуди под закуп на пет години со намена кафе-бар и со почетна цена од 2,3 евра квадратен метар без ДДВ, односно околу 400 евра за месец. Кафулето ќе може да работи од 1 март до 31 октомври, од 18 часот до полноќ.
Раководителот на портата „Македонија“, Емилија Андоновска, вели дека објектот досега ја оправдал својата намена и дека самостојно успева да си ги покрие сите трошоци.
Во посебно обликуваниот мултифункционален простор на две нивоа, минатата година се реализирале околу 250 комерцијални и некомерцијални настани. Одржани се повеќе хуманитарни настани, изложби, презентации, семинари…
Интересно е тоа што оваа сала се’ почесто се користи и за венчавки, роденденски забави, а, омилена е и за матурски прослави.
Цената за изнајмување за еден час е 6.000 денари плус ДДВ, за два часа е 10.000 денари, за три часа 15.000 денари, за четири часа е 20.000 денари, а за цел ден 30.000 денари плус ДДВ.
Со влезница од 30 денари, посетителите добиваат панорамска глетка од терасата, на која што засега има поставено два телескопи. Според Андоновска, за четири месеци, минатата година, продадени се повеќе од 3.000 билети.
Портата „Македонија“ високa 21 метар е обложенa со 32 рељефи со историски сцени од антички период до формирањето на современата држава. Фасадната површина е обложена со мермер сивец од Прилеп.