Никој не зборува за можно изземање на судијката Гајдова од случајот Скопски пазар

Одлука за случајот во кои се обвинети поранешни акционери на компанијата Скопски пазар, Апелацискиот суд во Скопје сè  уште не донесе. Покрај контроверзите кои досега го следат овој случај, а за кои веќе пишувавме, спорно е и учеството на судијката Габриела Гајдова во советотот на Апелација, кој треба да одлучува по поднесената жалба, објави МКД.

На 15 ноември 2023 година судијката Гајдова е избрана за судијка во Апелацискиот суд Скопје, со глас „за“ и од Весна Дамева, актуелната претседателка на Судскиот совет и сопруга на Младен Дамев, кој се јавува како оштетен во случајот за кој деновиве Гајдова треба да одлучува.

За време на изборот, Дамева за Габриела Гајдова, судијка од Основниот суд Велес, рече дека „таа не само што учествува на конференции и тркалезни маси, туку е храбра и да го креира казненото право”.

Значи Гајдова е избрана за судијка во Апелацискиот суд со глас и од Весна Дамева, а сега треба да одлучува за случај во кој управител на оштетениот е токму сопругот на Дамева и е во позиција да се „реваншира” на Дамева за силната поддршка при нејзиниот избор. Многумина очекуваа Гајдова да биде изземена од овој случај, но тоа не се случи.

Откако лани во јавноста се објавија информации дека кај Дамева има конфликт на интереси поради тоа што дел од судиите за кои таа треба да гласа за нивно унапредување постапуваат во предмети каде нејзиниот сопруг е странка или оштетен, во јуни 2023 година таа се иззема од гласањето. Меѓу судиите за унапредување тогаш беше Александра Ристеска од Основниот кривичен суд, која првостепено одлучи во корист на тужителот Младен Дамев, кој како управител на Скопски пазар ја претставуваше компанијата против поранешни акционери.

По истата логика, сега во второстепената постапка, се очекуваше дека и судијката Гајдова ќе се изземе од случајот, поради постоење на сличен конфликт на интерес.

Инаку, по донесувањето на измените на Кривичниот Законик во септември 2023 година, во судската пракса во Македонија имало повеќе вакви случаи каде делото злоупотреба било извршено со „искористување“ на службената положба и донесени се пресуди со кои првостепената пресуда се укинува или преиначува во ослободителна. Нема ниту еден пример во кој првостепената пресуда би била потврдена.

Нема никаква информација и од претседателот на Апелацискиот суд во Скопје за можно некакво постапување во овој случај.