Никој не е „света крава“, ама и никој не се апси

Највисоките владини функционер и понатаму со поддршка за истрагата за предметот „Рекет“ и повици истрагата да ги открие сите инволвирани без разлика на нивната функција, партиска припадност и статус. Но, и покрај ваквите повици истрагата за „Рекет“ како да е ставена на пауза. Последните информации се дека се уште траат вештачењата на одземените мобилни телефони од осомничените и други лица, за кои се истражува каква била нивната улога во изнудата на милионските суми пари.

Никоја не е „света крава“ и секој треба да одговара доколку сторил криминал, вели вицпремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска одговарајќи на прашање за случајот „Рекет“ и за тоа што во медиумите веќе и нејзиното име се поврзува со дел од активностите на првоосомничениот во предметот, Бојан Јовановски.

„Никој од нас нема што да скрие, меѓутоа од друга страна инсинуациите поткрепени на „рекла казала” навистина не се корисни. Инаку и јас би можела да излезам и да кажам дека пријателот на пријателот на еден ваш колега денеска е избеган во Будимпешта, дали тоа значи дека вашиот колега е виновен за неговото бегство? Никој паметен никој разумен тоа не би го кажал. Затоа органите треба да си го истражат своето, а ние покажавме дека никој не е света крава. Никој не е заштитен, никој не е под закрила на власта. Напротив се покажа и дека институциите можат да функционираат без политички притисок“, потенцира Шекеринска.

Јавноста и опозицијата прашуваат зошто обвинителството и Министерството за внатрешни работи не преземаат ништо за да ги истражат и утврдат информациите кои секојдневно се објавуваат во врска со „Рекет“. Во ВМРО ДПМНЕ се сомневаат дека дури се прават напори да се заташка истрагата и целиот случај да се затвори без да се разоткријат „мозоците“ на целата операција на уцени кон бизнисмени и функционери.

„Оштетени граѓани јавно преку телевизии посочуваат за грабеж од невладината на Боки 13, невладина со пола министри и владини функционери внатре, најавуваат приватни тужби гледајќи дека ништо не се случува за расчистување на овој скандал. Очигледно тоа е маската на рекетот, а здружението на Боки 13, Кики, на Фрики, на Коки, Зоки – Поки уште јасно вели, никој од таму не бил повикан од истрагата! Уште поочигледно е што тоа не им пречи ниту на невладината ниту пак на членовите на тоа здружение, како што реков половина се владини функционери што уште повеќе го засилува сомнежот во јавноста за некаква игра и поврзаност. Главата на државната мафија, главата на октоподот, главата на рекетот се уште се обидува да ја дефокусира јавноста и истрагата да заврши само на Боки 13 и на Кичеец, додека Русковска обвинителството можеби смислено ја забошотува истрагата и се остава простор за бришење на траги, докази и влијание врз сведоци. Тоа е недозволиво, тоа е соучество и тоа мора да биде санкционирано“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Во насока на овие сомневања изразени од опозициската партија оди и фактот што во моментот додека земјава ја тресе еден од најголемите скандали преку „Рекет“ шефицата на обвинителството за организиран криминал и главна за предметот, Вилма Рускоска го користи годишниот одмор. На одмор, без било каква пречка, е и специјалната обвинителка, Катица Јанева кој тврди дека била злоупотребена од Јовановски при рекетирањето, а за која постојат сериозни индикации дека била директно вмешана во криминалот.