Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски утринава во своето гостување во „Утрински Брифинг“ посочи дека Димитров се обиде да покаже дека договорот со Преспа е добар, иако и самиот знае дека не е добар, затоа се одлучи на ваков фатален чекор каде што само докажа дека СДСМ со вакви смешни потези губи.
– Рашела Мизрахи беше одличен министер кој работеше во расветлување на криминалите на СДСМ кои што ги имаат направено во самото министерство. Проблемот со Рашела Мизрахи е друг, еве да го кажам моето мислење не сум имал прилика досега. Мислам дека на СДСМ му се случи неочекуван ефект од техничката влада кој што го немал во калкулација. Прво не очекуваа госпоѓата Мизрахи да биде министер во ниедна комбинаторика, не очекуваа дека ќе биде министер. Второ имаа испади на одредени нивни членови за кои што сакам да верувам дека не беа оркестрирани од врвот на партијата, кои што не се слушнати во Македонија, појасни Николоски.
Тој додаде дека СДСМ бараше начин како да ја избркаат Мизрахи.
– Но, исто така Никола Димитров, кој што делува соло во целата консталација, сите овие години направи потег кој што не изгледаше координиран, и затоа потоа за нив тоа беше потег на СДСМ од кој што нема враќање. Ако гледате кој е губитник во тие потези секако е СДСМ. Желбата на Димитров му се гледа дека сака да биде мандатар, но личните желби не би ги коментирал. Договорот се потпиша, Димитров е свесен дека е лош и водејќи се да покаже дека не е лош, оди во други крајности. Ние го коментиравме тој дел. Јасен е договорот, дете од второ одделение може да разбере дека има преоден период од 5 години. Тој преоден период од 5 години кај нас се случи за 5 недели. Димитров, кога ќе имаме пристап до МНР ќе извадиме повеќе документи, пушти вербални и писмени ноти до Грција кои што договорот не ги бараше, поврзани со македонскиот национален идентитет. Сето тоа мислам дека беше само негово силување да покаже дека договорот е добар, иако сите ние вклучително и голем број на членови на СДСМ знаат дека не е добар, нагласи Николоски.