![nikoloski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/02/nikoloski-2.jpg?resize=574%2C383&ssl=1)
ВМРО-ДПМНЕ поднесува интерпелации и за министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, како и против министерот за правда Бојан Маричиќ, како одговорни што македонското општество скапува во корупција, најави во четвртокот потпретседателот на опозицската партија Александар Николоски во гостувањето во централните вести на телевизијата Канал 5.
„Главниот проблем на Македонија е тоа што скапува во корупција од најниско до највисоко ниво. Граѓаните не можат обична работа да завршат, документ да извадат на шалтер доколку не почестат некој службеник, па завршувајќи со крупните тендери кои ги дели (премиерот Зоран) Заев и неговото семејство“, истакна Николоски.
Додаде дека корупцијата царува и се отсликува во последниот Извештај на Транспаренси интернешнл, според кој Македонија е на историско најниското ниво откако се мери корупцијата во Македонија, дури на 111-то место и тоа „во друштво на држави кои и прашање е дали функционираат како нормални држави и политички системи“.
„Ова покажува дека корупцијата го скапува македонското општество, а двајца беа одговорни за таа работа фамозниот потпретседател на Владата за борба со корупција кој гледаме ако се бори и министерот за правда и затоа поднесуваме интерпелација за двајцата“, рече Николоски.