
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното гостување на телевизија Алфа рече дека веќе три дена на протестите против францускиот предлог има инфилтрирано провокатори кои треба да прават инциденти.
„Точно е дека има провокатори, и вечерва ги видовме. Но, 90 отсто од нив не ја вршат работата за која се пратени, туку се солидаризираат со демонстрантите“, рече Николоски.
Што се однесува до отворањето на Уставот и внесување на Бугарите во него, нешто што е еден од условите за да се комплетира отворањето преговори на Македонија со ЕУ, Николоски рече дека никој од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени и уставните измени нема да се случат.