Николоски на седницата на Комисијата за правни прашања и човекови права во Париз

Александар Николоски, член на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Совет на Европа (ПССЕ) и член на Комисијата за правни прашања и човекови права на ПССЕ, ќе учествува на седницата на оваа комисија што се одржува денеска во Париз, во канцелариите на Совет на Европа, информираат од Собранието.

Од законодавниот дом известуваат дека на седницата, ќе се расправа за системот Пегазус и сличните тајни државни системи за следење и набљудување; ќе се разменуваат ставови со членовите на Заедничката комисија за човекови права од Парламентот на Велика Британија, како и за улогата и функцијата на горенаведената комисија како пример на функционирање на националните комисии за човекови права.

– Членовите на комисијата ќе дискутираат и за реформата во Велика Британија во областа на законодавството за човекови права; за тешкотиите во Северна Ирска во однос на имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права; за аспектите на легалноста и почитувањето на човековите права на агресијата на Руската Федерација против Украина, како и за одговорите од страна на Комитетот на министри во врска со препораките упатени до нив од страна на ПССЕ, соопштуваат од Собранието.

Од Парламентот наведуваат дека Комисијата ќе назначи генерален известувач за укинување на смртната казна поради крајот на мандатот на актуелниот генерален известувач, а потоа ќе се зборува и за претстојното учество на членовите во конференции, состаноци, семинари и друго.