Николоски: Никој не знае каде завршија 1.4 милијарди евра од задолжувањата

Владата на Зоран Заев е подеднакво корумпирана без разлика дали министерот е од СДСМ или од ДУИ. Затоа што корупцијата цвета, не е дека во едно министерство нема корупција, а во друго има. Корупцијата е распространета во сите министерства, изјави во „Заспиј ако можеш“ на Алфа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

-Само во текот на минатата 2020 година и почетокот на 2021 година, Македонија се задолжи за 1,6 милијарди евра, а во процес на задолжување се уште 700 милиони евра. Од тие 1 милијарда и 600 милиони за здравство се потрошија вкупно 180 милиони, по 90 милиони во 2020 и 2021 година. Прашањето за кое не добив досега релевантен одговор од Заев ниту од Бесими, е каде заминаа 1 милијарда и 400 милиони евра. Каде завршија никој не знае, вели Николоски.

Тој посочи дека во буџетот за 2021 година, други расходи, сива маса се над 650 милиони евра, кои има право да ги троши Драги Рашковски како генерален секретар на влада заедно со Мухамед Зекири како втор генерален секретар.

-Во сива зона одат парите во Македонија. Значи за борба против корона вирусот потрошени 180 милиони, а 1 милијарда и 400 милиони евра никој не знае каде се. ова е ова е корупцијата во Македонија од најниско до највисоко ниво. Човек не може обичен документ да извади ако не даде кафе или пијалок за службеникот кој е таму. Но, ја има на високо екстремно ниво, каде овие пари одат како во црна дупка и никој не ги гледа, потенцира Николоски.

-За ова ќе има сериозна истрага по промена на владата и мора да се знае каде тие пари заминале. Ќе има одговорност и за министрите на СДСМ и министрите на ДУИ, нагласи Николоски.