Николоски: Отворањето на Иловица е договор меѓу СДС и ДУИ, не очекуваа силна реакција од населението и сега се вадат, ако не сакаат да има рудник нека ја одземат концесијата

Отворањето на рудникот Иловица е коалициски договор помеѓу СДС и ДУИ. Тоа што не го очекуваа е реакцијата на народот и толку голем протест како тој во саботата во Струмица. Сега не знаат како да ја менаџираат ситуацијата бидејќи се соочени со огромен револт на населението во струмичко и сега се обидуваат да се извадат од ситуацијата. Нити министрите не биле информирани, нити точката била случајно ставена на дневен ред, нити некој не знаел. Ова си е договорена работа од претходно, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за МТВ.

Николоски истакна дека да не беше така ќе кажеа дека не знаеле пред да се случи протестот во сабатата, а не откако се случи.

– Уште еднаш ја изманипулираа јавноста дека во вторник на седница на влада најавуваа и дека ќе се одземе концесијата, а не само разговара. Сега велат ќе одложат за една недела и ќе разговарале, што оди во насока на купување на време, но нека не се лажат населението во струмичкиот крај е будно и ќе има жестока реакција на секој чекор кој ќе биде во насока на отворање на рудник, рече тој.

Николоски потенцира дека суштината на проблемот не е само издавање на концесијата, туку кој стои позади неа.

– Позади таа концесија стои еден од најголемите бугарски олигарси кои влезе договорно помеѓу тогашните влади на Борисов и Заев, кој се занимава со рударство и стои семејството Дестани преку фирмата Еколог блиски на ДУИ. Суштината на проблемот е природата на капитал кој влегува кој говори дека нема шанси таму да се почитуваат еколошки стандарди, од причина што овие не влегуваат таму да ја одржуваат животната средина туку да прават пари, нагласи Николоски.

Николоски посочи дека ако од СДС имаат став дека не треба да има рудник тогаш на седница на влада нека ја одземат концесијата, не може да имаат став против, а на седница на влада да донесуваат концесија.