Во просториите на Агенцијата за млади и спорт денеска се одржа прес-конференција по повод одржувањето на 46-от Илинденски кајак слалом ИКАС 2014.
На пресконференцијата учество земаа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, претседателот на Кајакарската федерација Марјан Најдановски, спортскиот директор на Икас Атанас Николовски и директорот на ЈП “ЈАСЕН” Мишо Малахов.
Директорот Марјан Спасески истакна дека со организацијата и поддржувањето на 46-от традиционален илинденски кајак слалом ”Икас”, Агенцијата за млади и спорт ја потврдува својата заложба за промоција на Матка како едно од најдобрите места на балканот за овој спорт.
Спасески додаде дека всушност оваа позната патека на реката Треска за учесниците ќе претставува мини балкански шампионат. Спасески потенцираше дека кајакот во нашата држава ги има сите неопходни услови за повисок спортски дострел и преку откривањето нови таленти кои ќе ја претставуваат Македонија на меѓународно поле, Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи да ја подржува Кајакарската федерација на Македонија.
Спортскиот директор на ИКАС Атанас Николовски истакна дека големиот број на земји учеснички ја потврдува сериозноста на ИКАС и тоа со број од 10 пријавени држави со 95 натпреварувачи од Македонија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Грција, Конго, Турција, Русија и Украина. Николовски додаде дека очекува сериозна борба за освојувањето на првото место на ИКАС.
Претседателот на Кајакарската федерација Марјан Најдановски и директорот на ЈП “ЈАСЕН” Мишо Малахов во своите говори се осврнаа на вложувањето во водените спортови како услов за развој на спортот и спортскиот туризам во Македонија.
На крај од прес-конференцијата,беше упатена покана до јавноста да дојде во што поголем број за да го проследи 46-от Илинденски кајак слалом ИКАС 2014 и да дадат поддршка на македонските учесници.
Свеченото отварање на турнирот е предвидено за петок 11-ти април во 19 часот во Музејот на Македонската Борба (ВМРО), а за во сабота е предвидено да се одржат квалификациите од 10,30 до 15 часот, додека во недела ќе се одржи полуфиналето и финалето со почеток од 11 до 14,30 часот, каде по завршувањето е предвидено свечено доделување на медалите.
За љубителите на кајакот ЈСП Скопје обезбеди бесплатен превоз од Транспортен центар до Матка.
Автобусите со број 60 од Транспортен Центар ќе тргнуваат од 09.45 часот,10.30 часот, 11.00 часот и 12.30 часот додека за враќање од Матка, автобусите ќе тргнуваат во 14,30 часот, 15,30 часот и 16,20 часот.