Русија има влијание врз референдумот и за тоа постои актуелна истрага. Ова го соопшти првиот човек на УБК Горан Николовски во едно телевизиско интервју, но притоа не откривајќи повеќе детали за начинот на кој се организира делувањето против успех на претстојниот референдум.
Гледаме организиран настап на социјалните мрежи. Организиран настап кој оди во правец на намалување на излезноста на референдумот, неуспех на референдумот нешто што понатаму би повлекло друга низа на настани. Пред сè лажни вести и невистинити. Тоа се пропагандни ама и лажни вести. Да, пред сè лажни вести или би рекол полувистинити“- изјави Горан Николовски, директор на УБК.
Директна закана врз безбедноста на Македонија нема, а пропагандата која се случува е во сферата на геостратешкиТЕ интереси, оценува Николовски. Оваа изјава на директорот на УБК доаѓа во време кога премиерот Заев, пред само пет дена посочи дека нема информации и докази за можни руски влијанија против референдумското изјаснување.
Во врска со можното влијание од соседни земји или од Русија или други земји во регионот, можам да кажам дека ние немаме идентификувано земји кои шират лажни вести, секако севкупната борба против лажните вести останува овде- рече Зоран Заев ,премиер на Р. Македонија.
Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, при вчерашната посета на Бања Лука, негираше дека постои руско мешање во референдумскиот исход. Напротив, рече тој, за разлика од официјална Москва, многубројни европски и американски претставници секој ден одат во Македонија и навиваат за референдумот. А, Алсат М пред една недела објави информации од безбедносните служби за присуство на руски службеници во Македонија кои неофицијално би можеле да агитираат против референдумот. Кога побаравме одговори од Одделот за анализа и истражување при Управата за безбедност и контраразузнавање, кратко соопштија дека сè е под контрола.