Македонија одамна бара помош, пред сѐ, од Брисел, но најчесто не ја добиваше. Сега малку работите се променија, бидејќи целата оваа тешка криза овие неколку години тие имаат една нагласена улога и сега тие го финализираат своето учество во сиве овие промени кои настанаа во нашата земја, рече поранешниот дипломат Ристо Никовски за вестите на телевизија Алфа.
„Меѓутоа, кога зборуваме за нашиот напредок кон Брисел, мора да појдеме од два основни постулата, првиот и клучниот е фактот дека нема проширување на Унијата и дека тоа уште долго нема да биде на дневен ред, тие отворено кажаа дека до 2020 година нема нови членки, а јас сум убеден дека до 2025-та нема да има нови членки, а можеби ќе фати и 2030 година со единствен случај на Црна Гора, како што направија со НАТО, а вториот постулат е блокадата и прво името па потоа членство во ЕУ. Кога новата влада беше во Брисел отворено им беше соопштено да не сметаат на патот кон Брисел ако прашањето со името не биде решено“, потенцираше Никовски.
Истакна и дека новата власт е подготвена за компромиси кој е анти-историски и дека доколку се смени името Македонија веднаш ќе ги започне преговорите со ЕУ.
„Мислам дека ова што се прави со Бугарија е историски погрешно и да се тврди дека со Бугарите имаме заедничка историја е една непростлива грешка, а со други зборови ние сме Бугари само ‘неосвестени’, иако дел од историјата ни е заедничка како на пример Никола Вапцаров кој пишува на бугарски, тој бил Македонец, како и една цела плејада Македонци кои живееле во Софија и тие може на еден начин да ги прифаќаат Бугарите. Меѓутоа, тој Вапцаров пишувал дека оваа земја Бугарија не е моја. Така што тука има дел што може да се слави заедно, но во никој случај Илинденското востание, кое симбол на нашата борба и слобода и дека тука има работи кои треба да се расчистуваат“, дециден беше Никовски и притоа потенцираше и дека Бугарија во моментов има скриени намери со Македонија.