Надежта на Македонците дека во 2020 година ќе можат да бидат домаќини на дел од натпреварите на Европското првенство „паднаа во вода“, откако денеска УЕФА го објави извештајот од инспекцијата на градовите кандидати. Во извештајот на УЕФА нема речиси ништо позитивно за нашиот најголем стадион „Филип Втори“, освен тоа дека димензиите на теренот ги исполнуваат барањата, додека соблекувалните за фудбалерите, судиите и другиот персонал, едвај ги исполнувааат стандардите. Европската куќа на фудбалот е задоволна што Македонија ги исполнила сите законски легислативи за одржување на еден ваков голем настан и фактот што државата дава огромна подршка за кандидатурата, но сепак нашиот стадион не исполнува ни мал дел од барањата.
„’Филип Втори’ не го исполнува минималниот капацитет, бидејќи собира 32.483 гледачи, а плус една третина од трибините не е покриена. Што се однесува до паркингот, тој речиси и да го нема. Стадионот не поседува речиси никакви сертификати, а нема ниту евакуациски план во случај на некаква несакана случка. Нема конторлна соба, ниту пак доволен број на излези“, стои во дел од извештајот.
Од УЕФА се загрижени и за навивачите, бидејќи има многу мал број на тоалети, ниту пак има соба за прва помош, а стадионот не е приспособен ниту за лица со инвалидитет.
„Стадионот не ги исполнува минималните стандарди на УЕФА за ВИП сместување на гостите. ВИП ложите се многу мали. Што значи дека овие објекти треба да се градат надвор од стадионот. Не се објавени доволни податоци за тахничките и телекомуникациските потреби, како резервни генератори за енергија, осветлување, екраните, контрола на звукот и температурата на теренот, ниту пак е доствена информација за ИЦТ инсталација“.
„Стандардите на УЕФА исто така не се исполнети во поглед на просторот за тв-пренос, медија центарот треба да биде изграден надвор од стадионот, како и конференциската соба и микс зоната. Сегашните капацитете се премногу мали. Телевизиските студија и студијата со поглед кон стадионот не можат да бидат оценети, бидејќи не постојат“, се вели во извештајот.
УЕФА е загрижена и за патната инфраструктура, бидејќи во Скопје во јавниот превоз се состои од само автобуси. Tука е и фактот што капацитетот на аеродромот „Александар Велики“ не е доволен, а исто така до центарот на Скопје има само една автобуска линија. Скопје нема доволен број на адекватни сместувачки капацитети. Хотелите кои биле предложени како домаќини на репрезентациите не поседувале фудбалски терени за тренинг.
Извештајот на УЕФА има многу малку позитивни точки, што значи дека Скопје речиси и нема шанси да биде еден од 13-те града домаќини на ЕУРО 2020.
Извор: Sportmedia.mk