Јапонскиот тенисер Кеи Нишикори го совлада Хрватот Марин Чилиќ во полуфиналето на УС Опен по неизвесен меч во пет сета (2:6, 6:4,7:5(5), 4:6, 6:4) и по четири часа игра. Јапонецот на тој начин му се реваншираше на Чилиќ за поразот во финалето на истиот турнир во 2014 година, кога Хрватот со 3:0 славеше иго освои УС Опен.
Чилиќ одлично го почна дуелот и по лесните два брејка го освои првиот сет убедливо, за да направи уште еден брејк и во вториот сет. Хрватот имаше 4:2 во овој сет и беспрекорен сервис, без изгубен поен на прв сервис. Сепак, првиот лош сервис го чинеше победа, бидејќи Нишикори освои шест гема по ред и го доби сетот и се врати во натпреварот. Чилиќ правеше несфатливи грешки, кои предизвикаа нервоза кај него, па невообичаено за Хрватот, постојано пцуеше и гласно негодуваше. Јапонецот почетното водство од 2:0 го задржа до осмиот гем, иако при 3:2 спаси 15-40 и го освои гемот по 18 поени. Чилиќ нервозен што не направи брејк го скрши рекетот, но во продолжението успеа да изедначи и да го доведе сетот до тај брејк, во кој двајцата имаа мини серии од по три освоени поени, но Јапонецот беше подобар.
Десетминутната пауза поради топлото време во Њујорк подобро му дојде на Хрватот, кој успеа да го освои четвртиот сет, но потоа пак падна во решвачкиот сет. Чилиќ му „подари“ брејк на Јапонецот за 3:1, па,иако Нишикори можеше да дојде до водство од 5:1, Хрватот изедначи на 4:4, но тоа не беше доволно за победа.