
Топлотните бранови кои ова лето ја погодија Европа, вклучително и Апенинскиот полуостров, не предизвикаа само рекордно високи температури и ги спржија полињата, а од сушата погодена најголемата италијанска река По има толку низок водостој што се пронајдени остатоци од бомба од Втората светска војна.
Воени стручњаци во неделата ја деактивирале бомбата и извеле контролирана експлозија. Бомбата била тешка 450 килограми, а откриена била уште на 25-ти јули кај северното село Борго Виргињо близу Мантова.
„Бомбата ја пронашле рибари на брегот на реката По поради нискиот водостој предизвикан од сушата“, изјавил полковникот Марко Наси.
Реката По, којашто го овозможува речиси третина од италијанското земјоделско производство, е погодена од најголемата суша во последните 70 години.
Војската поради уништувањето на бомбата евакуирала речиси 3.000 жители од близина на деактивирање. Накусо бил затворен и воздушниот простор над областа и запрено пловењето по таа делница на реката и железничкиот и патниот промет во областа.
Бомбата содржела 240 килограми експлозив. Контролираната експлозија на бомбата е изведена во каменолом во Медола, околу 45 километри од местото на коешто е пронајдена.