Ниту еден експертски став за Законот за ЈО не е прифатлив за Дескоска

Нема позитивни поместувања и усогласувања на ставовите на денешната средба на работната група за Предлог – законот за јавно обвинителство на која присуствуваат претставници на сите пратенички групи.

Министерката за правда, Рената Дескоска не прифаќа ниту една суштинска забелешка која беше дадена на јавната расправа на која учествуваа претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии.

Иако Десковска посочи дека откако ќе ги ислуша забелешките, дел од нив ќе бидат земени предвид, според информации за „Нетпрес“ од присутни на средбата која во моментот се одржува, таа нема согласност за ниту една сугестија од професорите Александар Климовски, Никола Тупанчевски, Гордана Силјаноска, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева…

Од експертските забелешки може да се увиди дека зад предлогот, всушност стои посакувањето на поранешниот премиер Зоран Заев да се амнестира и себеси и партиската врхушка од евентуален прогон.

Професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, беше децидна дека законот треба да се даде на разгледување на Венецијанската комисија и дека не може да се носи по скратена постапка. Со голем дел од нејзините забелешки се согласи и Владо Камбовски, како претседател на Комисијата која го изработуваше предлог-законот. Тој уверуваше дека Собранието „се наоѓа во позиција кога мора да го донесе овој закон, дури и по цена на одложени избори, затоа што без владеење на правото нема перспектива за земјата и тоа е суштествен услов за европска интеграција“.

Професорот Гордан Калајџиев рече дека треба да се искористат добрите работи од законот за СЈО, но го проблематизираше продложувањето на постпаките. Во текот на своето излагање, исто така апелираше до главниот јавен обвинител Љубомир Јовески да го објави писмото од поранешната специјална обвинтелка Катица Јанева, со кое се овозможи трансфер на предметите на СЈО во редовното обвинителство. Претходно, од Јовески тоа го побараа неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа со таков транспарент на галеријата за време на дискусијата на републичкиот обвинител.

Во однос на трансформацијата на СЈО, професорот Гордан Калајџиев, посочи дека едно од можните решенија е целосно ново обвинителство за организиран криминал, кое ќе добие поголема автономност и кое нема да биде водено од актуелниот обвинител. Нагласи дека во иднина треба да се внимава на највисоките функции во земјава да се поставуваат луѓе со интегритет.

Професорот Климовски смета дека со предложениот Закон за јавно обвинителство уште еднаш се прави обид за кршење на Уставот во делот за статусот и принципите на јавно обвинителство. Првиот пат беше со СЈО, а сега се прави обид истиот тој правен дефект да се инсталира во овој закон, претворајќи се во репресивна алатка за остварување на политички цели.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека нема да поддржат предлог каков што е сега. Предлог законот го оценија како противуставен и обид за воскреснување на СЈО. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски вчера рече дека ќе ги почекаат забелешките од јавната расправа и доколку тие бидат преточени во текстот на законот можен е договор.