Новите британски пасоши без ознаката ЕУ

Во текот на последните обиди да се постигне конечен договор за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, кое може да биде уште еднаш одложено, Лондон започна да издава пасоши на коишто ја нема ознаката „ЕУ“, што претставува симболична промена, но и одраз на тешкотиите во процесот на раздружувањето.

„Пасошите во бордо боја кои на кориците веќе ја немаат ознаката ЕУ се во оптек од 30-ти март“, соопшти во саботата портпаролката на британското министерство за внатрешни работи. Појасни дека пасошите со онаката ЕУ на кориците ќе продолжат да се издаваат уште кусо време по наведениот датум, односно до истекот на резервите. Постоењето или непостоењето на ознаката ЕУ не влијаат на слободата на патувањата на сопствениците на пасошите.

Симболичното повлекување на ознаката на Европската унија од новите пасоши поттикна разни реакции на социјалните мрежи, и меѓу приврзаниците на брегзитот и меѓу оние кои му се противат.

„Добро е да се знае. Морам да го продолжам пасошот и нестрпливо го чекам моментот кога таа канцерогена ознака ќе биде од него остранета“, твитал еден од корисниците на микроблогот. „Сѐ уште сме во ЕУ. Зошто тоа да не се гледа на мојот пасош“, возвраќа друга корисничка на Twitter, додавајќи дека „навстина е запрепастена од таквиот потег“.

Велика Британија првично требаше да ја напушти ЕУ на 29-ти март годинава, точно две години откако беше активиран членот 50 од Лисабонскиот договор, откако на 23-ти јуни 2016 година британските гласачи со 52 отсто „за“ наспроти 48 отсто „против“ гласаа за напуштање на блокот. Но откако британскиот парламент трипати го отфрли договорот кој премиерката Тереза Меј по двегодини преговори го постигна со Брисел, таа беше принудена да побара одложување, за да се избегне хаосот кој би настанал во случај на брегзит без договор. И иако беше одреден нов датум за напуштањето на ЕУ, на 12-ти април, британската премиерка во петокот побара ново одложување до 30-ти јуни, настојувајќи дотогаш да најде догоговор кој конечно ќе биде прифатлива за британските парлементарци, кои досега ги одбија и сите побудени осум алтернативни сценарија за брегзитот.