Ноќните клубови бараат да им бидат исплатени 30% од бруто приходот поради корона-забраните

Ноќните клубови по остварениот протест заедно со рестораните за свадби и естрадните уметници беа повикани на разговор со Премиерот, Министерот за здравство и останати претставници на Владата на Република Македонија.

„Согласно состанокот на кој се разговараше за помош на Ноќните Клубови и објаснувањето дека како најпогодени од целата ситуација, со тоа што веќе 8 месеци сме присилно затворени со клуч на врата немаме добиено никава финансиска помош од државата , ние дојдовме до договор за доставување на наши барања кои би биле разгледани со цел постигнување на договор со што би се помогнал опстанокот на ноќните клубови во државата.

По доставувањето на нашето барање за финансиска помош во висина од 30% од бруто приходот на секој ЛИЦЕНЦИРАН објект за месеците во кои НЕМАМЕ работено и за месеците што нема да ги работиме во иднина со што би можеле да ги сервисираме настанатите долгови за ќирии, паушали за (струја,вода,телефони,интернет), закуп на паркинг простори, обезбедување на објектите и сл. и би продолжиле да ги сервисираме во идните месеци во кои нема да работиме , зошто со новонастанатата ситуација и порастот на бројките на заболени сигурно не би можеле да работиме во наредните 6 месеци, после две недели чекање добивме одговор дека ќе бидеме помогнати со финансиски средства во износ од 3 кирии.

Искрено оваа понуда е срамна и навредлива, после 8 месеци без ниту еден работен ден, без никаква надеж и најава за наше отварање, после сите образложени трошоци со кои се соочуваме секојдневно да ни се понуди финансиска помош од само 3 кирии е апсурдно.

За воља на вистината Ноќните клубови единствено кај нас од целиот регион се комплетно затворени веќе 8 месеци, сепак од целиот регион кај нас бројките на заболени се највисоки што укажува на тоа дека очигледно ние не сме причинители за ширењето на заразата и на нас ни е предизвикана најголема штета без никаква финансиска поддршка до сега што води до пропаѓање на нашите бизниси. Нашиот праг на толеранција е веќе поминат и оваа понуда од страна на Владата на Република Македонија ќе биде проследена со масовни протести и тужба кон државата за настанатата штета и нарушеното Уставно право да работиш и да заработуваш.

Со ова известување би сакале да го поздравиме Премиерот Зоран Заев и неговото ветувачко однесување со разбирање за нашиот проблем и ветување за изнаоѓање на решение и да му дадеме до знаење дека долговите настанати од присилното затворање, со бизнис кој воопшто не работи немаме од каде да ги подмириме. Со тоа максимално е нарушен нашиот углед, како и егзистенцијата на нашите фамилии за кои треба да обезбедиме храна, облека и лекарства во периодот кој следува “– реагираат од здружението на ноќните клубови.