Нормализиран транспортот на мигрантите

Состојбата со транспортот на мигрантите од јужната граница кон Табановце денеска е нормализирана.

По вчерашниот наплив на поголемата група во чиј превоз мораа да бидат вклучени автобуси и такси возила, мигрантите повторно патуваат со железница од платформата на прифатниот камп во близина на границата со Грција каде поради евиденција се задржуваат по неколку часа.

Од железничката станица информираа дека во текот на вчерашниот ден со возови до границата со Србија биле превезени околу 2.000 мигранти и дека денеска пред нешто повеќе од еден час кон Табановце заминал уште еден воз со околу 800 мигранти.

Приближно со оваа бројка се совпаѓаат и проценките на УНХЦР и меѓународниот Црвен крст според кои изминатово деноноќие низ земјава транзитирале околу 3.000 мигранти.

Медицинските екипи на Црвениот крст на бегалците им нудат постојана здравствена помош, а нивните активисти секојдневно им делат пакети со храна и вода кои пристигнуваат како донации

Во магацинот на Црвениот крст денеска пристигна донација од 1.000 шишиња со вода, како и донација во храна и лекови од Прокредит банка и млеко од УЈП Гевгелија