Норвешка ги укинува сите ковид-мерки

Од денеска Норвешка ги укинува сите ковид мерки, соопшти премиерката на таа земја Ерна Солберг на прес -конференција.

-Поминаа 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во Норвешка… Сега дојде време да се вратиме на нормалниот секојдневен живот, рече премиерката Солберг.

Ова значи дека се враќа културниот и спортскиот живот во државата. Рестораните можат да работат со полн капацитет, а ноќните клубови повторно да се отворат.

-Накратко, сега можеме да живееме нормално, рече Солберг.

Околу 76% од сите Норвежани досега примиле барем една доза вакцина против Ковид-19, додека 67% од населението е целосно вакцинирано, според Институтот за јавно здравје.

-Иако секојдневниот живот е вратен во нормала за повеќето луѓе, пандемијата не е завршена. Луѓето сепак ќе се разболат и затоа е важно сите да се вакцинираат, додаде таа.

Таа, сепак, предупреди дека оние кои се заразуваат со Ковид-19, сепак мора да одат во изолација за да избегнат ширење на вирусот.

Ограничувањата за патување исто така ќе бидат олабавени, а владата повеќе нема да советува да не патуваат надвор од Европа.

Некои ограничувања се уште ќе важат за оние што пристигнуваат од земји за кои се смета дека имаат висока стапка на инфекции, рече владата.