Нов автопат Велес-Битола, дел од економските мерки на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција соопшти какви проекти планираат во областа на инфраструктурата.

„Мојот главен фокус ќе биде она каде сега сме најслаби, а тоа е економијата. Таа е фундаментот за добриот живот. Нема развиена економија без добра инфракструктура. Ќе промовирам денес 12 нови проекти кои ќе бидат дел од обновата кон која се обврзуваме од областа на транспортот и инфраструктурата.
Се обврзуваме на обнова која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани. Воедно ќе го доизградиме сето она што е започнато т.е. автопатите кои што ги започна и предвиде Владата на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот Кичево – Охрид и автопатот Скопје – Блаце“, посочи Мицкоски.

„Се обврзуваме за обнова која ќе донесе нов асфалт за регионални патишта во државата. Да нема неасфалтиран регионален пат, односно целосна реконструкција на повеќе од 1.000 километри регионални државни патишта. Ова значи за еден мандат ќе го замениме целиот дотраен асфалт на сите регионални патишта во земјава, односно до Берово, Дојран, Делчево, Пехчево, Пробиштип, Ресен, Дебар, Кичево, Македонски Брод и останатите градови ќе се вози низ целосно нов асфалт“.