Нов инцидент во воена фабрика во Албанија – приведени четворица Чеси

Четворица чешки државјани се приведени откако во централна Албанија во близина на градот Поличан снимале воена фабрика, само ден откако двајца руски и еден украински државјанин се уапсени осомничени за обид за влегување и снимање на исто така воен објект крај градот Грамш, пренесуваат медиумите во неделата

Во инцидентот во фабриката за муниција и оружје кај Поличан биле приведени двајца мажи и две жени, на возраст меѓу 40 и 45 години. Мажите биле приведен на територијата на фабриката во неделата утрото, додека жените чекале надвор, пишува порталот Albanian Daily News.

Се додава дека тие ги снимале фабриката за муниција и тунелите во Поличан кои датираат од комунистичката ера, кога воената полиција открила два автомобила со странски регистерски ознаки а вратата од тунелот обиена. Било констатирано дека чешките државјани ја скршиле вратата од тунелот, каде што биле чувани машини за производство на делови за опрема за противвоздушна одбрана.

Приведените изјавиле дека само се туристи, а еден од нив носел маскирна облека.

Пред една година, во октомври 2021 година, полски новинари успеаја да влезат во фабриката и да фотографираат дел од внатрешноста на копјексот, а подоцна да дадат детелен опис за објектите.

Опозициската Демократска партија го повика албанското водство да свика итна седница на Советот за национална безбедност поради двата инцидента во воените објекти.

Како што беше претходно објавено, при приведувањето на двајцата руски и еден украински државјанин во саботата биле повредени двајца албански војници кои биле испрскани со некаков спреј. Во неделата беше објавена дека нивната состојба е подобрена и оти во болницата ги посетил претседателот Бајрам Бегај, поранешен началник на Генералштабот, а министерот за одбрана Нико Пелеши им се заблагодарил за „подготвеноста да се жртвуваат за заштита на стратешки објект за Албанија“.

Според албанското министерство за одбрана, еден од Русите се приближил до територијата на фабриката и се обидел да фотографира. Премиерот Еди Рама изјави дека тројцата уапсени се осомничени за шпионажа.

Руските државјани се идентификуваат како 33-годишната Светлана Тимофеева и 23-годишниот Михаил Зорин, додека за украинскиот државјанин се наведуваат само иницијалите Ф.А, и оти е стар 25 години. Тие, според првичните сознанија во Албанија влегле една седмица претходно.

Како што пренесуваат медиумите, тие во полицискиот притвор во Елбасан изјавиле дека се фотографи и блогери кои снимале напуштени објекти.

Британскио потрал  Express.co.uk. кој наведува дека се „фатени шпиони на Путин“, наведува дека од претходно е познато дека Тимофеева патува низ светот и фотографира „чудни предмети“ како што се старите авиони.