Научниците од неколку американски и кинески универзитети велат дека новите сознанија за микробите и нивната интеракција со останатите видови упатуваат на тоа дека Дарвиновата теорија за еволуцијата треба да биде обновена.
Нивното тврдење се заснова на откритието дека сите растенија и животни, вклучувајќи ги и луѓето, еволуираат преку интеракцијата со голем број микроскопски видови: бактерии, вируси и габи, не само на непријателски начин, туку исто така и на полезен.
Во статијата објавена во научното списание „Трендови во екологија и еволуција“, научниците од Универзитетот на Колорадо, од Сан Јет-Сен Универзитетот во Квангџоу, како и истражувачи од неколку други универзитети велат дека дрвото на животот на Дарвин не признава дека многу форми на живот се поврзани физички и еволуирале заедно во ткн симбиоми.
Авторите предлагаат создавање на работна група која ќе користи напредни компјутерски методи за создавање на мултидимензионално еволуционо дрво со која ќе биде опишана нашата комплексна интеракција со микробите.
Со векови, светските митологии го користат ткн „дрво на животот“, како метафора за различностите кои произлегуваат од еден единствен извор.
Во 1859 година, Чарлс Дарвин го искористил истиот концепт за да ја објасни неговата теорија за еволуцијата, претставувајќи ја како дводимензионално дрво со одделни видови кои се развиваат независно од другите гранки.
Научниците велат дека ажурираниот поглед на симбиомите може да има големо влијание не само во биологијата, туку исто така и во многу други области во науката и технологијата, дури и општеството.