Уште едно дете од претшколска возраст е заболено од морбили во скопската населба Радишани. Со овој случај бројот на заболени од морбили во Радишани изнесува седум од кои шест се деца, а еден е возрасен. Новозаболеното дете било во роднинска врска со едно од заболените деца и ја посетувало истата предучилишна установа.
Ова денеска на прес-конференција го истакна доктор Билјана Даниловска од Центарот за јавно здравје Скопје, која рече дека се уште немаат лабораториска потврда, но клиничката слика и епидемиолошката поврзаност го докажува токму тоа.
– Другите заболени во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат пуштени на дома. Сите се во фаза на заздравување и се во стабилна состојба. Новозаболеното е во релативно добра општа здравствена состојба. Санитарно хигиенските и противепидемиските мерки ги спроведуваат епидемиолошките екипи од Центарот за јавно здравје. Предучилишните се вакцинираат во пунктот за имунизација во Бутел. Во текот на изминатите четири пет дена откога е пријавена епидемија на морбили во општината и покрај нашите настојувања одѕивот не е голем. Во тој период се вакцинирани 16 деца со МРП вакцината, рече д-р Даниловска.
Посочи дека во однос на училишните деца во тоа подрачје вакцинирани се само 12 од 62 невакцинирани.
– Препораки од Комисијата за заразни болести се границата за вакцинацијата со МРП да се прошири, односно да се вакцинираат деца од шест месечна возраст кои ќе добијат повторно уште една доза на 18 месеци, се до 45-годишна возраст. Досега во Центарот за јавно здравје се вакцинирале три лица. Има голем број невакцинирани деца на подрачјето на Скопје. Во општините Центар, Карпош и Кисела Вода процентот на предучилишни невакцинирани деца е многу висок. Во општина Сопиште сите предучилишни и училишни деца се вакцинирани, а од градските општини најголем процент вакцинирани деца со МРП се во Шуто Оризари, додаде д-р Даниловска.
Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека 15.000 деца на возраст до 14 години не се вакцинирани на територијата на град Скопје согласно препорачаниот Календар за имунизација и дека на најголем ризик од заболување се изложени предучилишните деца, децата во првите одделенија од основно училиште и постарите лица. Посочи дека од 15.000 деца, 11.270 деца се на возраст до пет години.
– Ако имаме предвид колку е заразно заболувањето, дека девет од десет лица кои биле во контакт со заболено лице ќе заболат, постојат сериозни услови за ширење на епидемијата на територија на град Скопје, а потоа и во другите градови. Малите сипаници се многу сериозно заболување. Најчести компликации се висока температура, воспаление на средното уво, белите дробови. Фактите зборуваат дека едно од илјада деца ќе добие воспаление на мозокот, а едно до две деца ќе умрат како последица на мали сипаници, истакна доктор Микиќ.
Додаде дека во Франција годинава се регистрирани 2.727 заболени и три смртни случаи, во Италија има 2.295 заболени и шест смртни случаи, во Грција – 2.290 регистрирани случаи и два смртни случаи.