Нов сет мерки во интерес на превозниците во патниот сообраќај во Република Македонија се донесени на вчерашната седница на Владата, истакна денеска на прес-конференција, министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески.
Како што тој вели целта на овие законски измени и мерки е да им се излезе во пресрет на превозниците во земјава.
Денеска беа презентирани измените Законот за превоз во патниот собраќај и Законот за јавни патишта.
Со измените на Законот за превоз во патниот собраќај се предвидува дека во иднина сите оние кои ќе сакаат да имаат лиценца за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз ќе мора да имаат минимум ЕУРО 2 еколошки стандард на своето возило.
-Од 1. април 2015. година во земјава нема да се издаваат лиценци за автобуси и миниавтобуси кои сакаат да вршат меѓуградски и меѓународен сообраќај доколку имаат возило под ЕУРО 2 стандардот, истакна министерот Јанакиески.
Тој ја појасни и втората измена која предвидува регулација на начинот на соработка меѓу туристичките агенции и автобуските станици. Според законот туристичките агенции во иднина ќе мора да се приклучат на електронскиот систем, кој веќе е воспоставен на автобуските станици.
-Туристичките агенции во рок од три месеци ќе можат бесплатно да се поврзат на овој електронски систем и ќе можат да резервираат карти на автобуските станици, така што не ќе може во иднина да се случи една карта да биде два пати продадена, рече Јанакиески.
Третата измена на Законот за превоз во патниот сообраќај предвидува започнување на Царинската управа со контрола на превозници кои влегуваат во Република Македонија, за кои земјава има воспоставено билатерални дозволи или дозволи за трети земји, односно увид дали странскиот превозник поседува лиценца или не.
Министерот додаде дека по барање на Градот Скопје со измените на Законот за јавни патишта се пропишува децидно постапката за поставување на натписи, рекламни табли, објекти, инсталации во заштитниот појас на патиштата кои се под надлежност на Градот, но исто така допрецизирани се и одредбите во делот на јавните патишта.
Исто така се предвидуваат поголеми казни за нарушувањето на користењето на јавниот пат ( патот незаконски да се копа, буши, неовластено поставување столбчиња, легнати полицајци). Како што потенцира Јанакиекски, во вакви случаи ќе биде одреден временски приод истите да се отстранат, а во спротивно се предвидуваат ригорозни казни.
Тој додаде дека новина е и трајното одземање на возилото и парична казна од 500 евра за секој кој ќе ја искрши наплатната рампа и нема да плати патарина, притоа истакнувајќи дека ова е чест случај во земјава во последно време.
Последната законска измена е по барање на руралните општини и предвидува намалување на заштитниот појас на регионалните патишта, кој сега ќе биде на растојание помало од 20, но не помало од 5 метри.
-Со оваа определба ќе се овозможи одредени објекти да се легализираат и да се урбанизираат подрачја кои моментално не се урбанизирани, рече министрот Јанакиески.
Тој потенцира дека оваа законска измена се однесува само на простор каде поминуваат регионални, магистрални патишта во населени места, но не и места каде во близина има автопат.