Три јавни набавки со вкупна вредност од 1.5 милиони денари добила компанијата „ФЛАЈ КЕМ“ ДООЕЛ Скопје, која е во сопственост на неформалниот сопруг на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Во исто време, во анкетните листови за состојбата на нејзиниот имот, Царовска не го пријавила богатството – открива Економски Лидер во својот прв скандал за годинава.
Горан Георгиев веќе подолго време живее во заедница со министерката Царовска. Имаат и детенце кое е продукт на нивната љубов, имаат автомобил и стан. Навидум, Горан и Мила се класично македонско семејство, со една разлика што тие немаат формално стапено во брак, пишува Лидер.
Според македонските закони, иако партнерите не се стапени во формална брачна заедница, тие целосно ги уживаат истите права и обврски со оние кои го ставиле својот потпис пред матичарот.
Но, доколку се погледне анкетниот лист на министерката Царовска поднесен до ДКСК (Државна Комисија за Спречување на Корупција), таму не може да се пронајде ништо од богатството на нејзиниот неформален сопруг.
Вкрстената проверка на Лидер во Управата за јавни приходи и Централниот регистар, покажува дека Горан Георгиевски е единствен сопственик на компанијата „ФЛАЈ КЕМ ДООЕЛ“ – Скопје. Компанијата е основана во 2015 година а од тогаш па наваму во три набрати добила пари од државата.
Последниот договор, Георгиевски го склучил со АД МЕПСО на 10.04.2018. Според него, „ФЛАЈ КЕМ“ за потребите на МЕПСО обезбедила некакви „Специјални летечки уреди (дронови) за извршување вонреден преглед на ДВ“, вкупната вредност на договорот 779.980 денари.
Целиот текст и објавените документи може да ги погледнете на ЛИДЕР.