Нов случај на пренесување на коронавирусот од куна на човек во Холандија

Холандското министерство за земјоделство извести во понеделникот за вториот потврден случај на пренесување на новиот коронавирус од канадска куна на човек на фарма на којашто овие животни се одгледуваат поради извоз на крзното.

Министерката за земјоделство Карола Схаутен го извести парламентот за првиот случај на зараза на работник на фарма за одгледување куни минатата седмица, признавајќи дека насоките на министерството во коишто беше наведено дека луѓето може да ги заразат животните, но не и обратно, биле погрешни.

Истакна истовремено дека ризикот за пренесување на вирусот надвор од фармата според мислењето на Националниот институт за здравство е „занемарлив“. Во денешното писмено обраќање до парламентот за вториот случај на пренос на вирусот од канадска куна на човек повторно го цитира истото мислење на Институтот.

Коронавирусот првпат беше регистриран на фармата за куни во април, откако чуварите забележале дека некои од животните имаат тешкотии со дишењето.

Холандските фарми крзното од канадската куна го продаваат на кинескиот, корејскиот, грчкиот и турскиот пазар.

 

Заразени работници и во кланиците

Засебно холандските власти во неделата известија дека 147 работници во кланицата на компанијата „Vion“ во градот Гронло биле позитивни на коронавирусот. Властите минатиот петок ја затворија кланицата и во карантин упатија 600 работници. Во кланиците во Германија на истата компанија, заразата е утврдена кај повеќе десетици работници.

Компанијата „Vion“ има кланици во Холандија и во Германија, врботува вкупно 12.000 работници, а годишно остварува приходи од 5,1 милијарди евра.

Во здружението на холандските синдикати FNV сметаат дека приќината за ширење на вирусот треба да се бара во лошото станбено сместување на работниците. Многумина од нив се доселеници и живеат заедно на многу мал простор. Во повеќето случаи сместувањето им го обезбедуваат агенциите за вработување, често и во Германија.

Градските власти ги повикаа „Vion“ и агенциите за привремено вработување да го подобрат сместувањето на работниците, за да може безбедно да се почитуваат карантинските мерки.