Доставувањето и обработката на извештаите на инвестициските фондови отсега ќе биде олеснето со новиот софтверски систем за супервизија и известување што го воведе Комисијата за хартии од вредност.
Софтверот е направен со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој, а со него сите известувања, вклучувајќи ги и нефинансиските известувања, како и барањата за одобрување на рекламен материјал, ќе се доставуваат електронски. Со ова ќе се намали товарот за дневно известување од страна на друштвата.
– Преку зголемената транспарентност и достапност на информации за фондовите, стравот и несигурноста како најголема причина за неостварување на успех и успешна алокација, ќе бидат минато за новите потенцијални инвеститори, истакна директорката на КХВ, Елизабета Чингаровска на денешната промоција.
Според Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија, придобивките од новиот софтвер се големи и значајни.
– Ефикасната супервизија е главен предуслов за развој на финансиските пазари и во таа смисла со овој проект Комисијата се ориентира кон супервизорски пристап базиран на ризик, вршејќи онлајн мониторинг врз ентитетите и следејќи ги потребите за капитал на инвестициските фондови, рече Јонеску.
Инвестициските фондови во Европа во изминатиот период бележат континуиран пораст, а овој тренд го следи и Македонија. Според податоците од 2014 година во Македонија се бележи зголемување на нето вредноста на инвестициските фондови за 254 проценти во споредба со 2013 година.