Нов Зеланд ги укинува речиси сите ограничување во врска со коронавирусот

Лицата коишто ќе допатуваат на Нов Зеланд повеќе нема да мора да се вакцинираат против коронавирусот, објави во понеделникот премиерката Џасинда Ардерн.

Ќе биде укинато и задолжителното носење маски, освен во здравствените институции и установите за нега на постари лица.

„Време е да ја свртиме страницата во нашето управување со Covid-19 и да живееме без вонредните мерки кои претходно ги користевме“, изјави Ардерн.

Нов Зеланд во март 2020 година ги затвори границите за речиси сите патници, а повторни целосно ги отвори во јули годинава. Притоа Ардерн изјави дека повеќе нема да биде задолжително тестирање на туристите по доаѓањето во земјата и на петтиот ден од престојот.

„Денешниот ден означува пресвртница во нашето управување со кризата предизвикана од Covid-19. Конечно, можеме да кажеме дека заврши периодот во кој коронавирусот диктираше што се случува во нашиот живот, повторно ја земаме контролата во своите раце“, додаде новозеландската премиерка.

Другите промени, кои на сила стапуваат во 23,59 часот во понеделник по локално време, вклучуваат само обврска за седумдневна изолација за оние кои се позитивни на Covid-19. Контактите во домаќинствата повеќе нема да мора да се изолираат, туку секојдневно ќе бидат тестирани, додаде Ардерн.

Нов Зеланд во текот на траењето на пандемијата водеше кампања нулта толеранција на коронавирусот, па во март 2020 и август 2021 година поради појавата на соевите делта и омикрон беше воведен карантин ширум државата. Земјата, која има околу пет милиони жители, од почетокот на пандемијата пријави повеќе од 1,7 милиони случаи на зараза со коронавирусот, од кои речиси 2.000 резултирале со смртен исход.