Нова акција на карабинерите, уапсени 90 членови на калабриската мафија Ндрангета

Околу 90 членови на калабриската мафија Ндрангета се уапсени утрово за време на голема меѓународна операција во неколку европски држави и Латинска Америка, соопшти италијанската полиција, цитирана од светските агенции.

Уапсените се осомничени за тешки злосторства, меѓу кои и за криминално здружување за меѓународен шверц на дрога, членство во мафијашка структура и незаконски бизнис со рециклирање на отпад, прецизираше италијанската полиција во соопштението.

Мафијашите дејствувале претежно во регионот на Калабрија (Јужна Италија), како и во повеќе земји од Европа и Латинска Америка.

Операцијата била координирана од италијанската национална дирекција за борба против мафијата и тероризмот, заедно со германските, белгиските и холандските колеги.

„Ндрангета е единствената мафија, која е присутна на сите континенти: во Западна Европа, во Северна, Централна и Јужна Америка, во Африка. Активно е и во Источна Европа и Азија“, неодамна изјави италијанскиот судија Никола Гратери, специјализиран во борбата против мафијата.

Италијанските карабинери вчера нанесоа сериозен удар и против сицилијанската мафија, апсејќи десетици нејзини членови, меѓу кои и Сетиме Минео, сметан за новиот шеф на Коза ностра и наследник на познатиот „кум“ Тото Риина, кој минатата година почина во затвор.